На 21.09.2020 година во Ректоратот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола се одржа пригоден настан кој обедини два моменти: објавување на добитникот на стипендијата „Тома Фила“ и врачување Пофалница за постигнат најдобар успех. Двете признанија ѝ се доделени на постдипломката од Правниот факултет, Мерита Шахин, која студиите ги заврши со просек 10.
На настанот, кој ги поврза двата чинители важни за академскиот напредок и личен развој на Мерита Шахин, присутните членови од раководство на УКЛО ја потврдија заложбата: да се квалификува трудот и да се почитува и уважува постигнатиот успех на студентите.
Ректорот на УКЛО, проф. д-р Сашо Коруновски, истакна дека УКЛО со посебно задоволство го вреднува и наградува вложениот труд на студентите, како што е и поводот поврзан со успесите на Мерита Шахин.
Постдипломката на Правниот факултет, Мерита Шахин, е четвртиот добитник на стипендијата „Тома Фила“. Заблагодарувајќи се за укажаното внимание, таа истакна дека на овој начин УКЛО на своите студенти им дава дополнителен поттик и мотивација.
Високите признанија беа повод Мерита Шахин за Факултети.мк да ги пренесе своите лични впечатоци и искуства од едукацијата, вложениот труд и постигнатиот успех.
„Секојдневните постапки и акти се детерминирачкиот фактор за успешна, просперитетна иднина на секој еден човек.
Со таа мисла, по завршетокот на моето средно образование, беше потребно да се донесе одлука за која бев свесна дека ќе биде долгорочна и далекосежна мисија во животот на еден млад човек. Моите две омилени општествени науки одлучив да ги спојам во моите четири студентски години. Започнав паралелно да студирам на Правен факултет - Кичево, дисперзирани студии во Битола и на Економски факултет при Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“.
Првично, мојот порив да студирам и да го изберам Правниот факултет потекнува од моите афинитети и предиспозиции кон правото и правната наука. Токму правната наука е една од есенцијалните вредности на општествениот поредок. Денешните предизвикувачки општествени констелации, борбата за демократијата, владеењето на правото, кои во денешно време се модифицирани во негативна конотација се едни од моите најголеми причинители за јас како студент да го изберам Правниот факултет при Универзитетот ,,Св. Климент Охридски“ - Битола. Моите додипломски студии и во двете науки ги исполнив со остварен просечен успех 10.
Денес сум сè уште студент, меѓутоа на постдипломски студии повторно на Правниот факултет. Вториот циклус студии исто така го заокружив со највисокиот просек (10), моментално во актуелна изработка е мојот магистерски труд.
Голема амбиција, намален социјален живот, желбата за подобра верзија од себе беа составен дел од моето студентско доба. Звучеше исклучително предизвикувачки, можеби и малку страшно при самиот почеток, но остварениот успех ги совлада сите мои претходни сомнежи и стравови.
Кога мислам на успехот, не мислам само на највисоката просечна оценка. Помислувам и на учеството на сите натпревари, симулации пред Европскиот суд за човекови права, на учеството на голем број обуки, и сите дополнителни вонформални активности, награди и признанија кои ги добив.
Меѓутоа, најкруцијалниот дел од таа заокружена животна целина е тоа што Ректоратот на Универзитет „Св. Климент Охридски“ - Битола го обелоденува и вреднува успехот на своите студенти.
Врачена ми е пофалница за постигнат најдобар успех, дипломиран студент со највисока просечна оценка во рамки на Правен факултет - Кичево, д.с. Битола.
Како втора награда за студент со остварен највисок просечен успех на прв и втор циклус на студии, добитник сум и на стипендија од Фондацијата „Тома Фила" за едногодишно стручно усовршување како адвокатски приправник.
Во оваа пригода сакам да искажам голема благодарност до Ректоратот на Универзитет ,,Св. Климент Охридски“ - Битола за доделување на овие признанија кои за мене претставуваат дополнителен успех и поттик за понатамошно професионално надградување и стручно усовршување.
Мојата неизмерна благодарност и постигнат успех им го посветувам на моите родители, кои неуморно ја поддржуваат секоја моја одлука и животен чекор.
(Комерцијална објава)