X
 08.01.2022 Наша тема

Кои професори харфистката Мерсиха Шукри никогаш нема да ги заборави, како ѝ оставиле траен белег во едукацијата и кариерата?

Во текот на моето школување имав прекрасни педагози. Од моите први учителки во основното училиште, па наставниците во општата гимназија, во средното музичко училиште до професорите во академските денови. Секој од нив има оставено трага и посебно место кај мене, вели младата харфистка

Две значајни личности во периоди на крстосница биле пресудни за образованието на нашата најдобра харфистка Мерсиха Шукри.

Тоа се личности на чии совети и едукација се сеќава и денес. За некој професор да остави трага во образовниот систем на една личност, мора да биде многу повеќе од учител и педагог. Тоа се професори кои се вложуваат себеси во едукацијата, но честопати многу поважни се нивните совети отколку лекциите.

Мерсиха Шукри е првиот студент по харфа во Македонија и прв дипломиран харфист на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Таа е и првиот магистер во оваа сфера во нашата земја.

- Во текот на мојот образовен тек, поточно школувањето, сум имала прекрасни педагози. Од моите први учителки во основното училиште, па наставниците во општата гимназија, во средното музичко училиште и професорите во академските денови. Секој од нив има оставено трага и посебно место кај мене. Ќе издвојам две имиња кои одиграле важна улога во клучни периоди. Наоѓајќи се на една т.н. раскрсница, тука биле и многу ми помогнале со своето присуство - објаснува таа.

Светската харфистка Мишел се појави само да ме види

Првата, раскажува Шукри, е Кетрин Мишел, светска харфистка, поранешен солист во Париската опера и одличен педагог.
- Ја запознав на еден мастер-клас во Софија, по што добив покана за специјализација кај неа во Париз. За мојот престој таму, покрај тоа што имав можност да запознам харфисти од целиот свет, бев дел од една класа на врвни и млади уметници кои сега се светски познати харфисти. До моето запознавање со проф. Мишел, имав руска професорка. Школата и самата техника на свирење на харфа беа строго руски. Одеднаш, во Париз, преку часовите со неа, се запознав со француската школа на свирење на харфа - објаснува таа.



Самата култура, начинот на живеење и префинетоста на Французите, ѝ отвориле нови гледишта за животот на Мерсиха, а особено за харфата.

- Професорката, покрај харфистичките теми, често на часовите ме едуцираше и за други нешта кои ќе ми помогнат да го разберам подобро и да уживам во самото свирење. Со едноставни примери од животот, правеше споредба и ми ја будеше имагинацијата, креативноста. Едноставно, чувствував како созревам, не само со харфата, туку и во животот. Тоа ми отвори можност да се пронајдам себеси и во поглед на харфата да можам да извлечам и лично да комбинирам и од руската и од француската школа - раскажува Шукри.

Се сеќава на една случка.
- Неколку години подоцна, откога завршив со специјализацијата, бевме на турнеја со мандолинскиот оркестар „Скопје“ во Франција. Минувавме низ Париз и ја побарав проф. Мишел во Париската опера. Во моментот не беше таму, но ѝ пренесоа дека ја барав. На моја голема радост, таа за кратко време дојде само за да се видиме. Светска харфистка која имаше едуцирани генерации одлични харфисти, беше тука. Уште една потврда дека големите луѓе се едноставни и достапни - заклучува младата Мерсиха Шукри.
Нивниот пријателски однос и комуникација траат и ден-денес.

Професорката Бариќ ми беше како втор родител


Втората професорка што ѝ била инспирација, но и поддршка во новата средина во Белград, била Милица Бариќ.

- Таа беше мојата професорка во Белград каде што ги завршив магистерските студии - вели таа.



Тоа било нова средина за неа и имала безброј прашање.
- Се постави како родител кон мене. Освен наставата, таа се грижеше и за другите луѓе, за животните и за секојдневни нешта. Често ме советуваше за разни проблеми што ќе наидеа. Знаеше да ме повика на ручек, да одиме заедно на концерт, да разговараме за различни теми околу харфата - вели Шукри.

Се потсетува на една случка што ѝ останала врежана во меморијата.
- Престојував во еден стан, но набрзо морав да го сменам живеалиштето. Таа ми го понуди својот дом додека да најдам нов стан. Но, колку и да беше грижлива и родителски настроена, сепак беше строга кога се работеше за харфата и едукацијата - вели таа.

Со насмевка на лицето раскажува за впечатоците од тој период.

- За неа бев „моето мило Македонче“. Нашата комуникација продолжи и откако ги завршив студиите. За жал, таа сега е почината. Но, како една голема благодарност и почит кон нејзиното дело и лик, минатата година, заедно со драгите колешки од Србија, посветивме концерт во нејзина чест.

Фото: приватна архива
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема