X
 30.10.2021 Наша тема

Нашата прва дипломирана харфистка Мерсиха Шукри: Харфата по звукот е како пеперутка, а по начинот на свирење како октопод и стоногалка

Харфата ми дава повеќе слобода да дејствувам на повеќе полиња. Имено, да бидам концертен музичар, да бидам исто така камерен музичар, но и да бидам дел од оркестарското музицирање. Сето тоа ми изгледало како еден мозаик во кој ќе се пронајдам и исполнам

По звукот, како пеперутка, по начинот на свирење, како октопод, но и како стоногалка. На овој начин нашата најдобра харфистка Мерсиха Шукри го опишува својот инструмент, со кој на концерт во Филхармонијата неодамна прославија 20 години професионална дружба. Мерсиха Шукри е првиот студент по харфа во Македонија и прв дипломиран харфист на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Лејла Урманова од Русија. Таа е и првиот магистер во оваа сфера во нашата земја.

- Харфата е како еден цел оркестар поради сите бои што ги нуди. Таа има многу нежен и благопријатен звук, за кој е докажано дека позитивно влијае врз менталното здравје на луѓето.
Ако ја споредам со некој жив организам, тогаш би било со октопод, пеперутка и стоногалка. Октопод поради прстите на свирачот (така обично брат ми се шегува со мене). Стоногалка - затоа што покрај рацете се користат и нозете при свирењето, бидејќи харфата има 7 педали кои се користат за полустепени на тоновите. И пеперутка поради разнобојната убавина и магијата што ја остава со своите звуци.

фото: Горан Десковски

Мерсиха како харфист има остварено многубројни солистички концерти дома, но и надвор од државата. Таа има концертирано во Србија, Словенија, Косово, Франција, Унгарија, Холандија, Израел, Хрватска и во Турција. Член е на Светската асоцијација на харфисти и кореспондент за Македонија. Шукри особено се гордее што била дел од најголемиот харфистки оркестар со 500-ина учесници, со кој има и влезено во Гинисовата книга на рекорди. 

- Ми беше предизвик да бидам дел од најголемиот оркестар од 500 харфи, со што влегов во Гинисовата книга на рекорди. Таму настапував заедно со светски познатата харфистка Дебора Хенсон, која ми стана драга пријателка. Желба и цел ми е харфата да ја приближам до публиката и да ја претставам како инструмент на кој може да се свири различен жанр на музика. Харфата ми дава повеќе слобода да дејствувам на повеќе полиња. Имено, да бидам концертен музичар, да бидам исто така камерен музичар, но и да бидам дел од оркестарското музицирање. Сето тоа ми изгледаше како еден мозаик во кој ќе се пронајдам и исполнам.

фото: Јане Темелковски


Првин сакав да бидам балерина, па ветеринар, па новинар, но музиката надвладеа

Мерсиха се има запознаено со харфата на 15-годишна возраст. Дотогаш го изучувала пијаното, што е нејзин прв инструмент. Од осумгодишна возраст почнала да се школува музички, што не било големо изненадување со оглед на тоа што е порасната во музичко семејство - нејзиниот татко Рамадан и брат ѝ Ерхан Шукри се етаблирани имиња во своите музички полиња.

- Музика почнав да изучувам на 8 години и мојот прв инструмент беше пијаното. Го изучував 14 години, дури и на факултет. Харфата се појави многу подоцна. Имено, со неа се запознав на моја 15-годишна возраст. Дотогаш немаше можност за изучување на овој инструмент кај нас. На предлог на мојот татко, кој предаваше мандолина и контрабас во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, имав можност да присуствувам на еден информативен час кај харфистки од Русија. Тогаш првпат се сретнав одблизу со овој инструмент и беше како љубов на прв поглед.

 

Во мојот дом, музиката е присутна уште од моето најрано детство. И покрај тоа што мојот брат и мојот татко се музичари, никогаш немало инсистирање да се занимавам и јас со музика, односно да свирам на некој инструмент. И покрај тоа што дома има многу музички инструменти, никогаш не сум замислувала дека еден ден ќе се занимавам професионално со музика. Како дете сакав да бидам балерина, како и секое девојче. Љубовта кон животните ме наведе некое време да сакам да бидам ветеринар. Но, исто така, го сакам и пишувањето, особено истражувачкото и критичкото, па така ме привлекуваше и новинарството. Сепак, некако природно дојде музиката да надвладее.


Дури по дипломирањето ја купила првата харфа

Интересно е што Мерсиха на почетокот на средношколските денови сè уште гледала на музиката како на хоби, па затоа се запишала во гимназија, но не поминало многу време пред да сфати дека не припаѓа таму и дека местото ѝ е меѓу музичките инструменти и нотите. Поради специфичноста на нејзиниот инструмент, единствен начин на кој можела да вежба на харфата било во рамките на училиштето, бидејќи само таму го имало тој инструмент. 

- Моето средно образование го започнав во општа гимназија, сметајќи дека музиката секогаш може да ми биде хоби. Секако дека музиката секогаш би била присутна во мојот живот без разлика на друга професија, доколку сум ја имала. Додека учев и студирав, немав свој инструмент и затоа зависев од институциите каде што има харфа. Сè до моето дипломирање, секогаш беше променливо времето што го минував со инструментот. Но се трудев тоа да е секојдневно, барем по 2-3 часа. Подоцна, кога ФМУ набави инструмент, тие часови на вежбање се зголемија. Но дури по моето дипломирање, кога веќе го набавив својот сопствен инструмент, можев да ѝ се посветам на харфата повеќе часови во денот.
Како ученик и студент бев доста одговорна кон своите задачи и сакав што повеќе да истражувам за музиката генерално. Се трудев, покрај времето со харфата, да стекнам знаења и од другите предмети бидејќи тоа е многу важно за еден инструменталист да има знаење и разбирање во тоа што го свири. Омилени предмети ми беа хармонија, историја на музика, контрапункт.

фото: Јане Темелковски


Уште како средношколец настапувала со Филхармонијата

Мерсиха веќе десет години е вработена во Филхармонијата, но нејзината врска со ова институција трае од многу порано. Таа претходно 12 години настапувала со Филхармонија како хонорарец, дури од средношколските денови, менувајќи ја нејзината професорка кога не била тука. Никогаш со предрасуди кон каков било вид музика, таа ги охрабрува помладите музичари да посетуваат музички настани, да се надградуваат и да ја негуваат музиката.

- Мојата врска со Филхармонија трае уште од моите средношколски денови. Кога мојата професорка, која беше од Русија, не беше тука, јас ја заменував свирејќи во оркестарот. Всушност, тука и ги направив првите оркестарски искуства. Еден период, како студент, бев соработник и свирев и во Македонската опера и балет, што ми овозможи едно подруго оркестарско знаење и искуство. Врската со мојата матична куќа секогаш беше присутна, со кратки паузи додека бев на магистерски студии во Белград. Инаку, 12 години бев хонорарец, а речиси 10 години сум редовно вработена како соло-харфист.

- На младите им порачувам секогаш да ја следат својата интуиција, да бидат храбри во тоа што го сакаат. Секако, за нештото да стане реалност, потребни се самодисциплина, работа и посветеност. Доколку музиката им стане професија, треба да ја сакаат и негуваат искрено, со многу љубов. Да посетуваат музички настани затоа што таму може многу да се научи.

фото насловна: Маја Аргакиева








Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема