X
 08.01.2024 Наука

Вид мравки сами си ги лекуваат инфицираните рани

Мравки од видот мегапонера аналис (megaponera analis) имаат неверојатна способност да си ги заздрават раните и повредите настанати при борби со термити.

Овој вид мравки се наоѓа во Африка и се храни со термити. Според ново истражување, тие имаат уникатна способност да ги третираат повредите добиени во текот на ловот на термити. Овие мравки еволуирале за да може да препознаат инфицирани и неинфицирани рани.

Истражувачите од универзитети во Германија и во Швајцарија откриле дека мравките успешно третираат рани со самостојно производство на антибиотици. Хемиските анализи покажаа дека јаглеводородниот профил на кутикулата на мравката се менува како резултат на инфекција на раната, објаснува Ерик Франк, кој учествувал во истражувањето.

Овие антибиотици се добиени од метаплевралната жлезда која се наоѓа на градниот кош на мравката. Нејзиниот секрет ослободува 112 компоненти, од кои половина покажуваат антимикробни или заздравувачки својства.

Изненадувачки, истражувачите открија дека овие природни лековити својства придонесуваат за намалување на стапката на смртност на заразените мравки до 90 отсто.

- Со исклучок на луѓето, не знам за друго живо суштество што може да спроведе толку напредно медицинско третирање на рана - вели Франк.

Извор: Interesting engineering
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука