X
 04.09.2018 Живот

Најчудните места на планетава што само природата може да ги создаде

Иако природата е волшебна и единствена, често умее да биде морничава и доста необична. Од предели чие настанување и понатаму е непознато за научниот свет, до напуштени и зафрлени дестинации што ги прегазило времето, одамна заборавени од луѓето.

Ова се едни од најчудните места на Земјата, кои со своите пејзажи им го привлекуваат вниманието на туристите, но и на научниците.

Портата до пеколот, Туркменистан


Портата до пеколот во Туркменистан е едно од неколкуте места во светот што луѓето ги нарекуваат влез во пеколот. Станува збор за кратер со дијаметар од 70 метри што не престанува да гори уште од 1971 година, кога првпат бил пронајден.

Руските научници сакале да го проучат ова подрачје мислејќи дека откриле неисцрпно пронаоѓалиште на нафта. Научниците забележале дека постојат резерви на метан под земјата. Но, случајно дошло до несреќа, па се срушила целата платформа за дупчење и создала кратер што гори до ден-денес.

Планината на виножитото во Перу

Кога ќе помислите на Перу, Мачу Пикчу најверојатно е првото место што сакате да го посетите. Но, не би требало да ги заобиколите планините Виникунка бидејќи се еден од најневеројатните пејзажи на Земјата. Името „Планини на виножитото“ го добиле благодарение на различните, прекрасни нијанси што ги имаат. Никој не знае зошто се појавиле овие бои, а научниците се обидуваат да пронајдат објаснување од самото нивно откривање.

Зелено село, Кина


На устието на реката Јангцекјанг, на источниот брег на Кина, лежи старото заборавено, некогашно рибарско село Хоутоуван, кое природата полека го обвиткува со зеленило. Долгите и густи бршлени ги прекриваат улиците, ѕидовите на градбите, создавајќи пејзаж што го одзема здивот.

Како што поминувало времето, природата го проголтала ова село, па така денес секоја структура што некогаш ја направил човек е прекриена со растение. Секој прозорец, врата и пукнатина се прекриени со зеленило, па така селото се претвори во зелен град на духови. Она што е уште поневеројатно е дека биле потребни 50 години за целосна трансформација на ова село.

Крвавите Водопади, Антарктик


Глечерот Тејлор на Антарктикот е дом на неверојатен феномен: од него се слева течност што личи на крв. Бојата на крваво-црвената вода е последица на присуството на солена вода што долго време била во самиот глечер. Бидејќи немала никаков контакт со кислородот или сончевите зраци, содржината на сол се зголемувала и водата не замрзнала. Пукнатините во глечерот овозможиле солената вода да излезе, а кога кислородот дошол во контакт со водата, дошло до промени во црвената нијанса, па оттука доаѓа изгледот на крвавиот глечер. Глечерот првпат бил откриен во 1911 година.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот