X
 08.02.2020 Живот

Плажа во центарот и градини на покривите - нов изглед на Париз

Париз е еден од најпосетените градови во светот поради знаменитостите, Ајфеловата кула, уредените паркови, Боемскиот кварт. Но, за повторно да ги привлечат оние што веќе го виделе градот, како и за оние што ќе уживаат во текот на Олимписките игри, Париз воведува големи промени што несомнено ќе влијаат врз туризмот.

Наскоро посетителите освен да пловат по Сена, ќе имаат и можност да се разладат во нејзината вода во текот на топлите денови. Или, пак, да побегнат од жештините во студената, напуштена метро-станица под земја, во која ќе имаат уникатна можност да уживаат во француската кујна.

Големи промени ќе има и на познатите обележја во градот, па Ајфеловата кула и кулата Монпарнас ќе бидат сосема различни, а еден од покривите на зградите во Париз ќе стане новата најголема урбана градина.

Ова се некои од промените кои се планира да бидат завршени до 2024 година, кога Париз ќе биде домаќин на Летните олимписки игри. Сите промени ќе означат ново поглавје во историјата на најпопуларната туристичка дестинација во светот.

Во наредните четири години сите напуштени, неупотребливи и запоставени објекти во градот ќе бидат претворени во хотели, музеи, места за излегување, за спорт и уживање во слободното време.

Кампањата „Повторно откривање на Париз“ почна уште во 2014 година за време на мандатот на Ан Хидалго, еколошки насочена градоначалничка, и нејзиниот заменик Жан-Луис Мисика. Она што досега не е завршено ќе биде направено во наредните години со желба градот да биде во најдобро издание до големиот спортски настан.

Една од најдобрите страни на кампањата? Наместо да му ги продава јавните имоти на највисокиот понудувач, градот презеде прилично поинаков пристап.
- Помалку квантитативно, повеќе квалитативно. Одлучивме да направиме натпревар за тоа кои би биле најиновативните и најинтересни предлог-проекти што би биле еколошки и од корист за пошироката јавност - вели Мисика.

Пливање по Сена

1
Фото: Nouvelle AOM

Планот е Сена да се исчисти од штетни бактерии за да можат луѓето да се капат во неа, а идејата е во неа да се одржат и некои од натпреварувањата на Олимписките игри. Вредноста на чистење на водата ќе изнесува повеќе од милијарда евра, но Париз ќе добие и плажа во самиот центар на градот, а до 2025 година планирано е по должината на Сена да има 23 места за капење.

Ајфеловата кула како „белите дробови на Париз“

3
Фото: Nouvelle AOM

Просторот околу познатата кула ќе биде преуреден за да стане „белите дробови на Париз“. Ајфеловата кула годишно ја посетуваат 30 милиони луѓе, а 7 милиони се искачуваат на неа и поради тоа е важно и околината да биде преуредена за посетителите да имаат поглед во кој навистина ќе може да уживаат.

Паркот околу кулата ќе биде модерно уреден, но ќе биде наменет за семејни излети и ќе биде привлечен за туристите. Мостот кој преку Сена ги поврзува градините Трокадеро и паркот околу кулата ќе биде затворен за сообраќај и ќе стане мост за пешаци, а ќе бидат уредени и сите места што нудат најдобар поглед кон Ајфеловата кула.

Метро-станица како гастро-центар

3
Фото: Nouvelle AOM

Некогашната подземна станица со години пропаѓа и повеќе не е во употреба. За да се избегне понатамошно пропаѓање на станицата која е на навистина добра локација, ќе биде преуредена така што луѓето ќе сакаат да ја посетуваат.

Затоа е планирано да се отвори гастрономски центар кој ќе нуди ресторани, кафулиња, вински и коктел-барови, а акцентот ќе биде на локалната кујна и пијалаци.

Најголемата градина на покрив

6
Фото: Nouvelle AOM

Париз се подготвува да ја направи најголемата урбана градина на покрив на зграда, со површина колку два и пол фудбалски терени, а зградата се наоѓа на југоисточниот дел од градот. На покривот на центарот Париз експо порт де Версај ќе има градина со 30 вида растенија, а се верува дека дневно ќе бидат произведени околу 1.000 плодови овошје и зеленчук.

За оние што се интересираат за модерното земјоделство, ќе бидат организирани работилници на тема како животот во градот не ја исклучува природата.

Спортски хотел

8
Фото: Nouvelle AOM

Во Париз ќе биде отворен и различен тип хотел, кој ќе биде приспособен за спортистите, професионалците, но и за аматерите.

Напуштена зграда ќе стане хотел со спортски центар каде што луѓето ќе можат да се подготвуваат дури и за маратон. А по напорниот тренинг ќе можат да се опуштат во модерниот и опремениот центар во кој ќе биде овозможена и спортска физиотерапија.

Трансформација на кулата Монпарнас

kula
Фото: Nouvelle AOM

Парижаните не се љубители на оваа кула бидејќи нејзината модерна архитектура се издвојува од уметничките дела на архитектурата. Затоа, потребно е преуредување, а потоа кулата ќе биде осветлена, ќе има градина на врвот, а ќе има и соларни панели за да биде искористен еколошкиот потенцијал.

Кога ќе заврши преуредувањето, помеѓу 42. и 43. кат ќе има хотел, кој ќе нуди еден од најубавите погледи на градот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот