X
 08.02.2024 Технологија

Мистер Бин обвинет за лошата продажба на електричните автомобили

Роуан Аткинсон, познат по улогите во „Мистер Бин“ и „Црна Гуја“, е обвинет за нарушување на угледот на електричните возила, што придонело за нивната слаба продажба.

Добротворната организација „Зелена алијанса“, со седиште во Лондон, ги изнела своите гледишта за главните пречки со кои се соочува владата на Обединетото Кралство во обидот постепено да ги укине автомобилите на бензин и дизел пред 2035 година. Тие рекле дека коментарот на актерот Роуан Аткинсон лошо влијаел врз таа цел.

- Еден од најштетните беше коментарот на Роуан Аткинсон во „Гардијан“, кој беше целосно демантиран. За жал, проверките на фактите никогаш не ја достигнуваат истата широчина на публиката како оригиналното лажно тврдење, што ја потврдува потребата да се обезбедат високи уредувачки стандарди - забележале од лоби-групата.

Авторскиот текст на 69-годишниот актер беше насловен: „Ги сакам електричните возила - и рано ги прифатив. Но, сѐ повеќе се чувствувам измамено“. Аткинсон напишал дека електричните возила се малку бездушни и ја критикувал употребата на нивните литиум-јонски батерии.

Како алтернативни решенија, тој предложил возачите да го чуваат истиот автомобил што е можно подолго и да се зголеми употребата на синтетички горива, што би ја поништило потребата од електрични возила.

Аткинсон, кој самиот се нарекува вљубеник во автомобилите, е инженер по електроника и електротехника. Тој признал дека ги советувал пријателите да не купуваат електрични возила, освен ако немаат стар автомобил кој користи дизел-гориво.

Извор: n1info.rs

Фото: Facebook

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија