Во тек е саемот за автомобили во Париз, но без присуство на големите автомобилски марки од Америка и Швeдска. Нивното отсуство се објаснува со ставот дека ваквиот начин на рекламирање е застарен.
Продажбата од саемските сали се пресели во домовите, преку интернет, па многу од производителите токму преку новите медиуми ги интензивираат своите кампањи. Дури 60 проценти од нарачките денес се вршат преку интернет, посочуваат продавачите, а купувачот сам ја прави нарачката, со избор на саканата боја или опрема. Поделени се мислењата кај публиката и кај стручњаците, во врска со прашањето: Дали е ова крајот на големите саеми за автомобили?
Но, дали убавите хостеси, скапите штандови и некој бесплатен ручек, можат да ја зголемат продажбата, се дилемите кои ги загрижуваат сите 250 компании кои се претставени на парискиот саем за автомобили.
„Сметаме дека денешните купувачи сè повеќе купуваат автомобили преку интернет, но не отстапуваме од саемот. Тој е добра прилика да се сретнеме со конкуренцијата, иако трошоците за рекламирање ги насочуваме кон интернетот. Дури 60 проценти од буџетот е наменет за кампањите на фејсбук, инстаграм и другите социјани мрежи“, истакнал Карл Њуман од Опел.
Купувачите имаат поголеми барања, многу поголеми од тоа што локалните продавачи можат да го понудат. Тие знаат што сакаат и подготвени се да почекаат за нивната нарачка, посочуваат експертите за маркетинг.
„Нашиот купувач доаѓа со однапред подготвена нарачка. Тој ги има сите параметри во рака, сака сè до последен детаљ да биде персонализирано според неговите желби. Нема повеќе сериско производство, барањата се индивидуални“, објаснува Дитер Зеце од Мерцедес.
Иднината на автомобилската индустрија е во тек. Тоа го докажува и овогодишниот саем за автомобили во Париз. Таму изостанаа некои производители на автомобили од Америка, но исто така и производителите од Шведска, кои тврдат дека преку интернет ќе продадат многу повеќе отколку на саемот.
Меѓутоа, овој саем каде што некогаш „пазареле“ Жан Пол Белмондо, Ален Делон, некои шеици и султани, нималку не изгуби од својот сјај. Тој и натаму претставува една од најголемите
манифестации во светот на автомобилската индустрија, која годишно ја посетуваат повеќе од милион посетители.