Летувањето во Албанија стана популарно за туристите од нашата земја и од регионот последниве години. Зошто?
Пред сè, за време на пандемијата Албанија беше една од земјите за кои не беа потребни посебни потврди и сертификати. Дури и сега жителите на Македонија и на други земји може да влезат во Албанија само со лична карта. Освен тоа, цените на албанскиот брег се многу попристапни во споредба со традиционално популарните дестинации, како Грција и Црна Гора.
Фото: Pixabay
Од друга страна, во Албанија има летувалишта и плажи кои може да им парираат на најубавите европски плажи. Албанија нуди и голем избор на места, па така има локации што се одлични за семејствата, но и такви за туристи што бараат авантура.
Најпознати места за летување во Албанија
Некои од најпознатите туристички дестинации во Албанија се Драч, кој се наоѓа на северот на земјата, Саранда, Ксамил и Валона, кои се во јужниот дел. Албанија излегува на Јадранско и на Јонско Море и има брег долг над 450 километри.
Колку чини летувањето?
Хотелското сместување во Албанија просечно чини од 50 до 70 евра за двајца, иако може да се најде сместување за 20-ина евра од ноќ. Приватно сместување може да се најде и за помалку од 40 евра за ноќ за четиричлено семејство, пишува „Нова“.
Фото: Pixabay
Најчесто сместувањето во Саранда и во Ксамил е за нијанса поскапо отколку во Драч и Валона.
Просечната цена за комплет од две лежалки и чадор во Албанија изнесува од 5 до 10 евра, во зависност од местото. Овие цени се од минатата година, така што оваа година може да бидат повисоки.
Извор:
Nova
Насловна фотографија: Pixabay