X
 17.01.2018 Култура

Каде најмногу се патувало во 2017 година?

patuvanje
Фото: Thinkstock

Бројот на туристи во светот пораснал за 7 отсто во 2017 година, што е најголем раст во последните седум години, соопшти Светската туристичка организација (UNWTO).

Oваа организација на ОН наведува дека се очекува трендот да продолжи и во 2018 година, за кога предвидува раст на бројот на туристи за 4 до 5 отсто.

Растот е поттикнат од Европа, што бележи зголемување на бројот на туристи од 8 отсто, особено Медитеранот, укажува извештајот на телото на ОН.

Зголемувањето на бројот на туристи на светско ниво ги одржува економското закрепнување и силната побарувачка на многу пазари во земјите со брз развој, се наведува во извештајот. Од 2010 година годишната стапка на раст на туристите изнесува околу 4 отсто. Бројот на странските посетители достигна 1,3 милијарда луѓе, се вели во извештајот.

Франција останува главна туристичка дестинација во 2017 година, вели Џон Кестер, кој е дел од организацијата, и додава дека конечните резултати ќе бидат достапни напролет.

Генералниот секретар на организацијата, Зураб Пололикашвили, изјави дека се очекува Шпанија да биде втора светска дестинација, пред Америка.

„Во Северна Америка растот на бројот на туристите е 2 отсто, а добрите резултати во Мексико и во Канада се спротивставуваат на падот на бројот на туристички посети во Америка“, вели организацијата.

Забележани се и добри резултати во Африка, каде што растот е 8 отсто, додека на Блискиот Исток бројот на туристи се зголеми за 5 отсто, што укажува на заздравување на туризмот во Египет, Турција и Тунис по падот претходните години поради терористички напади.

Регионот на Азија и Пацификот имаа раст од 6 отсто, додека Јужна Америка забележува најлош раст од 3 отсто.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура