X
 08.08.2018 Образование

Не станав наставничка за да ги терам децата да исполнуваат бесмислени задачи

Доста е комплицирано. Учениците не обрнуваат внимание бидејќи им е досадно. Досадно им е затоа што содржината на нивните телефони секогаш ќе им биде позабавна од она што им го нудам јас.

Од една страна, сметам дека не мора сѐ да ви биде забавно. Не сум тука да ве забавувам, тука сум да ве подучувам, а често морате да го направите она што морате, а не она што сакате. Од друга страна, сфаќам дека ви е досадно бидејќи и мене некогаш ми е досадно.

Не станав наставничка за да ги терам децата да исполнуваат бесмислени задачи што не бараат критичко размислување, креативност или која било друга вештина. Станав наставничка за да ги научам децата подлабоко да размислуваат за секој аспект од животот. Според мене, нема подобро „средство“ за тоа од предавањето јазик и литература. Но наставната програма, стандардите и тестовите навистина го украдоа задоволството од овие активности, а работата и онака е тешка, дури и без бескорисната наставна програма.

nastavnici

Секоја година сѐ почесто се обрнува внимание на тоа дали ја следиме програмата. Ни даваат сѐ помалку простор за креативност. Ретко имаме можност да создадеме сопствени лекции или самостојно избирање на лектирата. Навистина се чувствуваме како да немаат доверба во нас. Сѐ повеќе се чувствувам како дадилка. Не уживам во задавањето теми за есеј за кој мислам дека е губење време. Дипломирав англиски јазик и никогаш не морав да ја анализирам структурата на литературни елементи во текстот. Прилично сум сигурна дека ниеден друг факултет или работно место нема да го бара тоа.

Наставниците се страсни луѓе (или некогаш беа). Затоа се одлучивме за оваа професија. Сигурна сум дека повеќето од нас не ни знаеја колку ќе биде тешко. Не можевме да ги предвидиме сите промени во технологијата и колку предизвици ќе има оваа работа. Но навистина се грижиме за предметот што го предаваме, гледаме во него вредност и сакаме да им олесниме на учениците да ја сфатат нашата страст и да ја пренесат понатаму. Кога би ја добиле довербата да создадеме сопствени лекции и да избереме материјали, огнот повторно би почнал да гори.

Секојпат кога темата на моето предавање е книга или лекција што е навистина важна, многу деца своеволно ги оставаат телефоните. Не можат да си помогнат, а да не се вклучат во моето изложување, бидејќи чувствуваат дека е вредно да се обрне внимание. Сакаат да знаат зошто сум толку возбудена.

Но наместо тоа, сите сме малку тажни. Заробени сме, во замка сме со која губиме време и нема да биде подобро сѐ додека наставниците не ја добијат довербата што ја заслужиле. Мораме да бидеме свесни дека никој не би останал во оваа професија подолго од година или две да не се грижеше за децата или предметот. Но никој не нѐ прашува за мислење. Дури и ако нѐ прашаат, никогаш ништо не прават со информациите што ги добиваат. Тоа е како вежба што би требало да нѐ натера да се чувствуваме подобро, да ни даде илузија дека некој нѐ слуша.

Во образованието моментално ситуацијата е комплицирана. Живееме во време во кое животот и технологијата се повозбудливи од кога било. Сепак, животот и работата не можат секогаш да бидат возбудливи, интересни, целосно стимулирачки и забавни и децата треба да научат дека во животот треба да прават и работи што не се забавни, бидејќи едноставно тоа е дел од животот. Но учениците сѐ уште не се возрасни. Не би требало цел ден да извршуваат задачи што се досадни, бесмислени и целосно неповрзани со нивните животи. Образованието не служи за тоа. Децата се затворија, а исто и ние. Лутината и незадоволството се исто така присутни, поради здодевноста. А не мора да биде така. Но сѐ додека општеството не им покаже доверба на наставниците, работите само ќе одат на полошо.

Автор: Џејн Морис
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование