X
 04.01.2023 Наша тема

Покажавме дека по интелигенција и знаење сме рамо до рамо со учесниците од државите кои вложуваат многу повеќе во образованието, велат македонските учесници на Олимпијадата во Колумбија

Покрај тоа што се натпреваруваа пет дена, учениците од цел свет се дружеа и си помагаа, па решаваа и задачи како едно големо одделение, раскажуваат Искра Нечаковска, Теона Ана Георгиевска, Михаил Шапчески и Даниел Христов, кои се вратија со освоена бронза.

Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки што се одржа во Богота, Колумбија, ни овозможи да си ги одмериме силите со врсници од цел свет и да покажеме дека ние учениците во Македонија со своето знаење и интелигенција, а поттикнати од несебичната помош на нашите наставници и професори од ПМФ, сме рамноправни со оние од многу поголеми држави кои вложуваат многу повеќе во образованието, ни рече Искра Нечаковска, која беше меѓу четирите македонски учесници што се закитија со бронзени медали. Олимпијадата се одржа од 2 до 12 декември во Јужна Америка, а на неа од шестчлениот натпреварувачки тим од Македонија дури четворица ученици освоија бронза.

Тоа се Искра Нечаковска, ученичка во гимназијата „Јосип Броз Тито“- Битола, Теона Ана Георгиевска и Михаил Шапчески од ПСУ „Јахја Кемал“ - Скопје и Даниел Христов од СОУ „Славчо Стојменски“ - Штип.



Македонските учесници се вратија од Колумбија со многу позитивни спомени и искуства. Иако натпреварот беше тежок, се состоеше со три дела и траеше пет дена, тие уживаа во едукативните предизвици, но и во дружбата со ученици од цел свет. За да ја опишат креативната енергија што постоела таму и дека во науката нема граници, посочуваат интересен пример - една задача ја решавале сите како да се големо одделение.

- Најголем впечаток ми остави дружбата меѓу децата. Се сеќавам една вечер во хотелот, пред еден од тестовите, неколку деца побараа помош за решавање на една задача и одеднаш се собравме една голема група натпреварувачи од цел свет и со заеднички сили и размена на идеи ја решивме задачата, како едно големо одделение - додава Нечаковска.

Македонските олимпијци раскажуваат дека со авион поминале половина свет за да стигнат до Колумбија, држава со многу поразлична култура од нашата.

- Прошетавме низ главниот град Боготa, а ја посетивме и највисоката точка (во Богота) Монсерате, што е на дури 3.100 метри надморска височина! Интересни беа и нашите обиди да оствариме контакт со Колумбијците, кои го зборуваа само шпанскиот јазик. Ќе ја паметам и дружбата. Добивме можност да се запознаеме со многу деца од сите страни на светот и да размениме искуства, па се надевам дека со повеќето ќе останеме во близок контакт - вели Теона Ана Георгиевска.



Потребни се голема концентрација и издржливост

Натпреварот барал голема концентрација и издржливост, особено поради големата временска разлика меѓу Македонија и Колумбија. Тој ги поврзал најкомплексните науки физика, хемија и биологија и воопшто не било лесно. Во неколку месеци интензивни подготовки поминале обемен материјал кој се изучува во четирите години од средното образование.

- Натпреварувањето се состоеше од три дела, првиот со прашања со избор на точниот одговор од повеќе понудени одговори, во вториот беше важна целосната постапка на решавање и третиот - практичен дел во кој бевме групирани по тројца ученици и изведуваме експерименти. Според мене, најтежок беше теоретскиот тест бидејќи оваа година прашањата беа потемелни и повеќе на број, а времето остана исто како и секоја претходна година. Ова го кажувам од лично искуство бидејќи учествував и на ланската олимпијада, на која имаше помалку прашања со поразлично тежинско ниво - вели Теона Ана Георгиевска.

Експерименталниот дел барал големо знаење и траел дури четири часа.



- Во мојата група јас бев задолжена за експериментот по хемија. Целта на експериментот беше во четири часа, преку неколку раствори (кои требаше самостојно да ги направам) и нивната вискозност да се определи моларна маса на една органска молекула. Вискозноста е својство единствено и различно за секој раствор, па со употреба на ова својство во пресметките се добиваше конечниот резултат - додава Георгиевска.

Успехот не изостана со оглед на големиот вложен труд и долгите подготовки од страна на учениците и посветеноста на професионалците од Друштвото на физичарите, Сојузот на хемичари на Македонија и Македонското биолошко друштво, поддршката од ПМФ, како и ентузијазмот на многу поединци. Сите активности за подготовки се одвиваа прво во училиштата, а потоа и на ПМФ, од септември до декември по два-три дена секоја седмица.

- Да се постигне овој успех не беше едноставно и се состоеше од многумесечна работа и труд по многу часа дневно. Ние имавме подготовки по два пати неделно од септември до декември, кои траеја од рано наутро до попладне, а последната недела имавме подготовки секој ден. Нашите подготовки беа долги, а сметам дека требаше да има уште повеќе, но времето не го дозволуваше тоа - вели Даниел Христов.

Ништо не е невозможно, само е потребна континуирана работа

Македонските олимпијци по природни науки успехот и бронзените медали им ги посветуваат на професорите, но и на своите семејства.

- Во оваа пригода сакам да им се заблагодарам на сите професори што одвоија значително време за да нѐ подготват за овој натпревар, да им се заблагодарам на водачите на олимпискиот тим: проф. д-р Боце Митревски, проф. д-р Методија Најдоски и м-р Лозенка Иванова и, секако, најголема благодарност до моето семејство, до мојата мајка од која ја имав најголемата морална поддршка и секогаш ме охрабруваше во моментите кога мојата самодоверба попушташе - вели Михаил Шапчески.



Ниеден сон не е невозможен доколку силно се сака и напорно се работи на негово остварување - е пораката на младите македонски научници.

- Уште од моите први натпревари во четврто одделение сонував да учествувам на ваква олимпијада од светски карактер и не само што го направив тоа, туку успеав да се вратам и со медал, и тоа два пати. Овој успех им го посветувам на сите што сонуваат во животот како доказ дека ништо не е невозможно, само е потребна континуирана работа и вложување труд - додава Ѓеоргиевска.

Нивниот успех ќе биде поттик за идните учесници на меѓународните олимпијади.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема