X
 18.02.2021 Наша тема

Партизацијата на образованието е традиција, а партиски избор на директори е „нормално“. Ќе го промениме ли тоа со реформите?

Со новата концепција за основно образование наставниците треба да имаат поголема автономија во носењето одлуки. Партизацијата во образованието ја задушува креативноста, го оневозможува критичкото размислување и ги ограничува автономијата на наставникот и неговиот углед, сметаат практичарите

Новата концепција, а со неа и најавените реформи за основното образование предвидуваат автономија во работата на наставниците. Во сегашните услови тие немаат доволно слобода за самостојно да одлучуваат, да ја надополнуваат наставната програма согласно афинитетите и барањата на учениците, а дел од нив не се подготвени за тоа. Проблем се и партиски поставените директори, без чиј амин за некакви покрупни одлуки многу често на наставниците им се врзани рацете. Или, генерално кажано, проблем е партизацијата на образованието.

Ќе ја менува ли државата практиката да се поставуваат партиски подобни директори, а наместо тоа, главен услов за позицијата да бидат квалитетите на кандидатите? Ќе можат ли наставниците навистина да ја живеат практично таа автономија која се заговара од септември или државата само декларативно ќе се залага за неа? Колку е сериозен проблемот со партизацијата во образованието? За овие прашања поразговаравме со практичари, а ставови побаравме и од одговорните во Министерството за образование и наука - МОН.



Партиски вработувања и избори на директори – сложен проблем

M-р Светлана Димитриевска, наставничка по пијано во „Илија Николовски-Луј“, смета дека ако сакаме успех во образованието, успешни реформи, мотивирани наставници и креативни ученици, итно треба образованието да се департизира, со оглед на фактот дека партизацијата на образованието е веќе традиција.

Советници ќе обучат 3.000 наставници од јуни до септември. Ќе бидат ли квалитетно обучени за да можат да предаваат по ново?

- Како се менува власта, така се менуваат и директорите на училиштата. На истиот начин се вработуваат и наставници, а тоа е погубно за образовниот процес. Се вработува секаков кадар. На тој начин се провлекуваат неквалитетни наставници, чии профили не одговараат на образовните педагошки критериуми. Таквиот кадар влијае демотивирачки врз учениците. Таквите наставници се чувствуваат надмоќни и заштитени од партијата. Свесни за нивната повластена положба, креативноста, желбата за успех и мотивацијата им се на најниско ниво. Тоа, секако, уништува многу ученици во секој поглед. Децата се демотивирани, а честопати и уплашени. За креативност воопшто не станува збор. Со промената на власта истите наставници се преобразуваат во уплашени наставници, кои потоа повторно не можат да се пронајдат во улогата на наставник што ги задоволува минималните педагошки критериуми - смета Димитриевска.


M-р Светлана Димитриевска

Директорот мора да е лидер

Партискиот избор на директор, според неа, е посложен проблем со оглед на тоа дека честопати за директор се поставува човек кој не ужива углед и почитување во колективот.

- Директорот треба да биде лидер кој ќе го обедини колективот, ќе го менаџира училиштето и ќе се грижи за меѓучовечките и колегијалните односи. Речиси секаде овие односи се сериозно нарушени. А со новата реформа зборуваме за соработка на наставници? Исто така, партиската поставеност на директорот води кон мобинг и различни злоупотреби на функцијата. Се чувствува надмоќен и тоа го рефлектира во односот кон вработените. Директорот треба да биде на функција и да сноси одговорност, да биде пример на сите, да биде еден од најдобрите и најзаслужните наставници. Затоа мислам дека колективот треба да го одбира директорот. Секој кандидат треба да поднесе кандидатура со план и визија во својот евентуален мандат. Само таквиот ненаметнат избор на директор ќе даде позитивни резултати во образованието и во работната клима во училиштето. Таквиот директор ќе знае праведно да ја цени и соодветно да ја наградува ангажираноста на секој наставник - смета наставничката.

Според неа, партизацијата во образованието ја задушува креативноста, го оневозможува критичкото размислување и ги ограничува автономијата на наставникот и неговиот углед.

Ни треба систем кој е дистанциран од политиката

М-р Христина Маркоска, професорка по ликовна уметност и членка на Здружението на ликовни педагози, смета дека секој образовен работник кој максимално е посветен на дејноста што ја извршува е свесен за нихилизмот до кој води секоја интервентна и влијателна политичка „сила“ врз образовниот процес.

- Да, образовните кадри се за реформирано образование според теркот и критериумите со кои се формираат престижните образовни програми во земјите низ Европа, но образование кое, пред сè, е целосно оградено и дистанцирано од политиката. Почесто сведочиме за „квалитетот“ на образовните институции кој, пред сè, е зависен и под силно влијание на партизацијата. Департизацијата на образованието би овозможила да се донесат вистински одлуки во процесите на селектирање и избор при вработување на наставниот кадар, но и би го маргинализирала влијанието на политичките партии врз образовниот процес. Образовниот процес мора да биде динамичен, интерактивен и да не сопре со самото дипломирање на наставниот кадар. Она што еден воспитно-образовен работник емпириски и теоретски го совладал и го изучил во периодот на високото образование, континуирано се соочува со едно ново искуство во дејноста која низ годините опитно ја гради и моделира и адаптира зависно од потребите  - смета наставничката.

Како што вели Маркоска, професорите и во основните и во средните училишта се соочуваат со низа проблеми кои јавуваат како последица на неадекватно конструираната образовна платформа, но и на изборот и прераспределбата на наставните кадри. Департизираното образование, според неа, би дало добар резултат, позитивна клима меѓу колегите, а истовремено би ги штитело интегритетот и академизмот на наставниот кадар.

- На крајот на денот, без разлика на образовната титула што ја носиме, мисијата на секој од нас е иста - современо и квалитетно образование за секое дете - додава таа.



МОН: Намалено е влијанието на градоначалникот при изборот на директор


На прашањето што ќе направи МОН за дa ја прекине практиката на партиско поставување директори на училиштата за да може да се гарантира автономијата во работата на наставниците, оттаму велат:

„Со новиот Закон за основно образование, во делот на избор на директор веќе е намалено влијанието на градоначалникот при избор на директорите на основните училишта. Училишниот одбор му предлага на градоначалникот само еден кандидат што ги исполнува условите и треба да биде назначен за директор. Градоначалникот веќе го нема правото да избира помеѓу повеќе кандидати. Тоа значи дека сега треба да зајакне свеста кај наставниците, родителите, членовите на училишните одобри, дека во нивни раце е одлуката и иднината на училиштата. Тие треба посветено и објективно да ги избираат вистинските кандидати за директор, врз основа на квалитетни програми и визии за развој на училиштата“.

Наставниците сакаат поголема автономија


Неодамна министерката Мила Царовска кажа дека во истражувањето што го направиле, а во кое учествувале наставниците, 4.160 од нив сакаат да имаат многу поголема автономија, и во делот на подготовка на наставните програми и во одлучување во даден момент што е поважно да се зборува.

- Досега наставниците едноставно беа присилувани да следат јасни и недвосмислени инструкции без да имаат автономија, да одлучуваат, да модификуваат и креативно да ја надополнуваат наставната програма согласно културата на живеење на нивните ученици, затоа што секој наставник најдобро си го знае својот клас, како и капацитетот, потребите интересите, афинитетите на своите ученици - рече таа.

Убаво звучи, а дали ќе може...

Со новата концепција за реформата, која ќе се востановува околу 6 години, целта е да се зголеми чувството на еднаквост меѓу учениците, да се намалат предрасудите, да се подобрат меѓуетничката интеграција во образованието и социјалната кохезија. Во предметна настава се очекува тимска работа на наставниците, заедно да планираат и да оценуваат, но секој да си влегува на час со оглед на дисциплината за која претходно е обучен во базичното образование. На крај, ученикот ќе добие додаток на свидетелство во кој ќе стои опис на преференциите, т.е. ако некој ученик се истакнува повеќе по предметот историја, тоа да биде истакнато во додатокот на свидетелство.

За да можат наставниците да бидат навистина автономни, мора да се исполнат низа фактори и да се променат многу клучни сегменти во општественото живеење. Со оглед на тоа што целата реформа подразбира многу промени во различни делови од нашето општество, па со тоа е и голем зафат, останува да видиме дали она што убаво звучи може да се примени во практика за определеното време.
Подготвил: Антонија Поповска / antonija.popovska@fakulteti.mk

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема