Со професор д-р Владимир Атанасовски, декан на Факултетот за електротехника и информациски технологии, разговаравме за очекувањата од уписите, условите за студирање што ги нуди ФЕИТ и одливот на мозоци од Македонија.
Факултетот за електротехника и информациски технологии е препознатлив бренд во рамки на најголемиот и најстариот државен универзитет во земјава. На што се должи ваквиот опис?
-Ваквиот опис на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) се должи, пред сѐ, на неговата 65-годишна традиција во која постојано се следат најновите техничко-технолошки трендови и потребите на пазарот и соодветно се врши прилагодување кон тековните и новите предизвици и можности. Денес ФЕИТ е единствен факултет кај нас со меѓународно акредитирани студиски програми на прв циклус, согласно германското акредитациско тело за инженерски програми ASIIN. Во нашите лаборатории, во последниве 15 години вложивме околу 2,5 милиони евра за да нудиме најсовремени услови за практична настава, експериментирање и развој на нови производи за нашите индустриски партнери. ФЕИТ со години го имплементира ISO системот за управување со квалитет во сите области на делување, односно наставна, научно-истражувачка и апликативна дејност. Први воведовме партнерска програма за подобрување на видливоста на компаниите кои несебично го поддржуваат ФЕИТ. Го создадовме ФЕИТ ФабЛаб – специјализиран простор во кој е овозможено секој млад човек со идеја да развие прототип и да се обиде да ја материјализира својата креативност во производ. Соработуваме со повеќе од 50 меѓународни универзитети и учествуваме во бројни европски и национални проекти. Несомнено сме еден од најуспешните факултети во државата по бројот на меѓународни проекти, публикации и патенти. Го имаме и Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ, преку кој интензивно соработуваме со домашни и меѓународни компании во создавање прототипови и иновативни решенија. Едноставно, сите наши напори се во насока на подобрување на условите за студирање, зајакнување на научно-истражувачката работа и зголемување на соработката со индустријата. Тие гарантираат релевантност и влијателност на нашата институција на меѓународно ниво.
Младите средношколци се повеќе сè запишуваат на технички струки (дуално образование) наспроти општествените науки. Дали студентите ќе го следат овој тренд при запишување во високото образование и зошто?
-Оптимист сум дека потенцијалните студенти ќе ги препознаат предизвиците на новото време, а со тоа и исклучителното значење на инженерските професии. Инженерите се клучни за иновации и технолошки развој. Тие создаваат работни места, ја зголемуваат конкурентноста, ја подобруваат животната средина и се носители на одржлив и постојан економски напредок. Сѐ поголемата присутност на современи техничко-технолошки трендови како вештачка интелигенција, автоматизирани и роботски системи, сеприсутна комуникација помеѓу различни уреди, дигитализација и извори на чиста и одржлива енергија дополнително ја истакнуваат важноста на инженерите во денешно време. Факт е и дека инженерските професии нудат големи можности за вработување и многу конкурентни плати на пазарот на труд. Според мене, овие причини треба да се пресудни младите луѓе да ги препознаат предностите на инженерските професии, а со тоа и соодветно да го направат својот избор при запишување во високото образование.
Кои се вашите очекувања од уписите кои ќе се реализираат во текот на септември?
-Очекувањата се реални во согласност со бројот на завршени средношколци, како и трендот на заминување во странство на додипломски студии. Се надевам дека средношколците ќе препознаат дека квалитетот кој го бараат, може да го добијат и дома и ќе имаме зголемен број запишани студенти оваа година. Наставните програми, лабораториите и опремата со кои располагаме се гаранција за идните студенти дека токму ФЕИТ е место каде може да добијат одлично знаење и подготвеност за пазарот на труд.
Зошто еден млад средношколец би се запишал на ФЕИТ? Што овој факултет нуди различно во однос на другите високо-образовни институции?
-ФЕИТ ги нуди најдобрите можни услови и по ништо не се разликува од високо образование во домен на електротехника и информациски технологии на универзитетите во западните земји. Имено, меѓународно акредитираните студиски програми, интеграцијата на најновите технологии во наставните планови, постојаното обновување на лабораториската опрема, како и големиот број индустриски партнери, гарантираат дека студентите секогаш го добиваат најсовременото и најрелевантно теоретско и практично образование, кое ги подготвува за глобалниот пазар на труд. Кај нас се изучуваат најновите светски инженерски трендови како Индустрија 5.0, вештачка интелигенција, роботика, Интернет-на-нешта, напредни компјутерски, комуникациски и податочни системи, обновливи извори на енергија и енергетската ефикасност. Нашите активности се фокусирани на создавањето инженери на новото време кои ќе бидат подготвени да го водат процесот на енергетска, зелена и дигитална транзиција. Студентите на ФЕИТ постојано го истакнуваат и одличниот однос и достапноста на професорите и асистентите што е за нас исклучително важно. Секако, ФЕИТ е познат и по извонредниот студентски живот. Нашите студенти се организатори на студентски конференции од областите кои ги негува факултетот, постојано организираат дополнителни предавања и обуки за продлабочување на своите вештини и секако, препознатливата бруцошка забава на ФЕИТ. Средношколците кои ќе се запишат на ФЕИТ може да очекуваат уникатно искуство и во поглед на формалниот дел на образованието, но и во одличното дружење и студентските активности.
Како да ја подобриме позицијата на нашите факултети на познатата Шангајска листа?
-Ова е процес кој бара соодветни напори, но и време. Нам ни се неопходни силни истражувачки универзитети и факултети и строги критериуми за одржување квалитет во високото образование. За да го постигнеме ова, најнапред се потребни значителни домашни финансии за стимулирање наука и иновации. Денес, како високообразовни институции, главно зависиме од меѓународните донатори за поддршка на научно-истражувачката дејност. Далеку сме како држава од европскиот просек на издвојување средства за наука и развој како процент од БДП. Исто така, соработката со стопанството, трансферот на технологии и стимулирањето и поддршката на нови и иновативни компании од универзитетски идеи не се на задоволително ниво. Треба да сфатиме дека вложувањата во наука и развој се враќаат многукратно за едно општество. Ова е особено значајно денес, со брзиот развој на технологијата, бришење на границите меѓу областите и постојаното појавување на нови и понапредни научни дисциплини. Затоа, потребна е јасна стратегија, вклучување на сите релевантни чинители во процесот и зголемени и фокусирани вложувања.
Постои ли начин да го спречиме „одливот на мозоци“ во други земји?
-Ова е комплексно прашање кое опфаќа многу чинители. Ние, како високообразовна институција, се обидуваме да придонесеме во нашиот домен најдобро што можеме, односно да се обидеме на младите луѓе да им ги понудиме најдобрите услови за студирање и да им гарантираме квалитетно и релевантно образование за новото време. Но, „одливот на мозоци“ не се случува само поради високото образование, туку и поради условите за понатамошна работа, можност за напредување, избор на високотехнолошки работни позиции за напредок, целокупното општествено уредување итн. Треба да поддржуваме нови и иновативни бизниси од млади луѓе, како и привлекување на компании кои ќе работат истражувања и развој во Македонија. Лично сметам дека младите луѓе сакаат и бараат предизвици и тие како општество мора да им ги обезбедиме. Флуктуацијата на луѓе е нормална работа. Треба да создадеме локални услови кои ќе бидат мотивирачки за младите да останат и оние што заминале да посакаат да се вратат.