X
 08.09.2019 Технологија

Експертите инсистираат: Не, вашиот телефон не ве прислушува

Со години теоретичарите на заговор инсистираа дека денешните мобилни телефони „слушаат“ сè што ќе кажеме. Според поддржувачите на теориите, тоа е единственото објаснување зошто гледаме реклами на интернет за производи и услуги за кои сме зборувале, но никогаш не сме ги пребарувале.

Но, имаме лоши вести. Експертите во компанијата за мобилна безбедност „Вандера“ неодамна ја тестирале оваа теорија и заклучиле дека не е точна.

- Се потпишувам на истражувањето и кажувам дека не најдовме никакви докази дека ова се случувало на платформите што ги тестиравме. Можеби се случува на начини за кои не знаеме, но би рекол дека тоа е многу неверојатно - истакна извршниот директор на компанијата, Елдар Туви.

За да го направи истражувањето, тимот отворил неколку апликации (меѓу кои и Фејсбук, Хром и Амазон) на два телефони „самсунг“ со оперативен систем „Андроид“ и еден „ајфон“.

Потоа тие ги поставиле телефоните во просторија каде што аудиореклама за храна за мачки и кучиња вртела 30 минути. Исто така, тие поставиле и идентични телефони во тивка просторија.

Кога истражувачите подоцна ги користеле апликациите, тие не забележале никакви реклами поврзани со храна за миленици. Дополнително, не виделе ништо на телефоните во однос на искористеноста на батеријата или на интернетот што би посочувало на тоа дека направите „слушале“ во аудиопросторијата.

Сè на сè, сето ова посочува дека секое поврзување што луѓето го прават меѓу нивните разговори и рекламите кои ги гледаат на нивните направи веројатно е случајност - или резултат на мудри предвидувачки алгоритми.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија