X
 08.10.2018 Наука

Работи што луѓето не ги сфаќаат кај психопатите

Повеќето луѓе мислат дека знаат што е психопат: личност која нема чувства. Некој што веројатно измачувал животни за забава кога бил мал. Но, ова се веројатно работи што не сте ги знаеле за психопатите.

1. Постои психопат во секој од нас


Психопатијата е спектар, така што сите ние се наоѓаме во тој спектар.

Ако некогаш сте покажале недостиг на вина или покајување или не сте почувствувале емпатија или сте изманипулирале со некој за да го добиете она што го сакате, тогаш сте прикажале некаква психопатска карактеристика. Можеби сте бестрашни во одредени ситуации или сте презеле голем ризик - сите овие се карактеристики на психопат.

2. Психопатите и не се толку психопати

Патрик Бејтман во „Американски психо“ и Ханибал Лектор во „Кога јагнињата ќе стивнат“ се типични портрети на психопати во популарната култура. Додека е вистина фактот дека повеќето сериски убијци се психопати, мнозинството психопати не се сериски убијци.

Психопатите сочинуваат околу 1 отсто од населението и може да бидат доста продуктивни членови на општеството.

Нивниот недостиг на емоции, како што се анксиозност и страв, им помага да останат смирени во застрашувачки ситуации. Експериментите покажуваат дека не се плашат и не се изненадуваат лесно. Ако некој ве исплашил додека сте гледале хорор-филм, тогаш веројатно сте „излегле од кожа“. Психопатите реагираат со страв помалку интензивно во вакви ситуации. Всушност, тие остануваат смирени. Ова може да е корисна особина ако сте војник или хирург.

Психопатите често се доста шармантни и имаат способност самоуверено да преземат ризици, да донесуваат храбри одлуки и да бидат цврсто насочени кон реализирање на целите. Ова ги прави добро ситуирани во средините како Вол стрит или парламентот.

3. Психопатите повеќе ја сакаат серијата „Сексот и градот“ отколку „Малечка куќа во прерија“


Повеќе можат да се најдат психопати во градовите. Психолозите велат дека живеат „стратегија за брза животна историја“. Всушност, тие се фокусираат на зголемување на нивните краткорочни можности за секс и бројот на сексуални партнери наместо да инвестираат во долгорочните можности за секс, родителство и животна стабилност.

Оваа стратегија е поврзана со зголеменото преземање ризици и себичноста. Исто така, градовите им нудат подобри можности за пронаоѓање луѓе со кои ќе можат да манипулираат и им нудат поголема анонимност, па оттука и намален ризик да бидат откриени.

4. Женските психопати се различни

Иако и машките и женските психопати се слични на многу начини, некои истражувања покажуваат разлики. На пример, женските психопати се повеќе склони кон анксиозност, емоционални проблеми и промискуитет отколку машките психопати.

Некои психолози тврдат дека женската психопатија се дијагностицира како растројство на личноста, карактеризирано со слабо регулирани емоции, импулсивни реакции и изливи на гнев. Ова може да објасни зошто повеќето истражувања покажуваат дека стапките на психопатија се пониски кај жените.

Најновите истражувања покажуваат дека кога станува збор за краткорочни односи, женските психопати сакаат непсихопатски мажи како играчки. Тие лесно можат да ги измамат и да манипулираат со нив. Но, за долгорочен однос, тие бараат психопат.

5. Психопатите имаат чувства... еден вид


Додека психопатите покажуваат специфичен недостиг на емоции, како што се вознемиреноста, стравот и тагата, тие можат да имаат и други емоции, како среќа, радост, изненадување, одвратност, на сличен начин како и повеќето од нас.

Иако често не можат да препознаат страшни и тажни лица и не реагираат на закани и казни, тие можат да препознаат среќни лица и реагираат позитивно кога се наградени. Тие можат да се чувствуваат среќно и мотивирано ако наградите се доволно високи. Секако, тие можат и да се налутат, особено ако се испровоцирани или исфрустрирани ако нивните цели се спречени.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука