X
 11.08.2016 Наука

Зошто сончогледот го следи Сонцето?

Научниците со векови знаат дека сончогледите го следат движењето на Сонцето, насочувајќи го цветот од исток кон запад како што поминува денот. Но, до неодамна не се знаеше причината зошто тоа го прави.

Едно американско истражување покажало дека движењето на сончогледот кон Сонцето е предизвикано од неговиот внатрешен биолошки часовник, а промената на местото на цветот го прави поголем и попривлечен за пчелите.

„Ова е првиот познат пример каде растењето на растенијата зависи од нивниот внатрешен часовник, а тоа да има еволутивни последици“, вели водечкиот истражувач Стејси Хармер од Универзитетот во Калифорнија.

Научниците уште од 1898 година набљудувале како сончогледот го започнуваат денот насочени кон исток и во текот на денот полека се насочуваат на запад, за навечер повторно да се вратат на исток. Никој досега не успеал да сфати што го регулира овој процес.

За да откријат дали станува збор за биолошкиот часовник или растенијата се движат според некој однапред определен распоред, американските биолози спровеле серија на експерименти. Прво ги врзале сончогледите да не се движат, а потоа ги поставиле во садови кои на почетокот на денот ги насочиле кон запад, спротивно од сигналот кој нормално го добиваат од сонцето. Со тоа успеале да им го нарушат ритамот.

Тие потоа ги ставиле во лабораторија со фиксирана вештачка светлина и откриле дека сончогледите неколку дена се преселувале напред-назад.

„Тоа е однесување какво што очекувате од механизам кој е воден од внатрешниот часовник“, вели Хармер.

Научниците потоа направиле вештачка светлина која се движи од исток кон запад. Сончогледите успеале да ги координираат нивните движења во согласност со движењето на светлината кога биле придружени од страна на 24-часовен ритам, но не и кога ритамот им бил изменет на 30 часа.

Сето ова довело до заклучокот дека сончогледите се поврзани со 24-часовниот ритам на движење.

Но на кој начин се движи сончогледот? Научниците откриле дека едната страна на стеблото, во зависност од делот од денот, расте побрзо од другата страна. А тоа доведува растението да го движи цветот.

Хармер објаснува дека овој тип на раст е различен од редовниот раст на сончогледот и се јавува на дневна основа, односно во 24-часовен ритам. Се покажало дека ова за растението е важно бидејќи оние растенија кои не биле насочени кон сонцето во текот на експериментите, имале 10% помалку листови од просекот.

Исто така, сончогледите кои во утринските часови биле насочени кон исток привлекле пет пати повеќе пчели од оние кои вештачки биле насочени на запад. Тоа покажува дека постои еволутивна корист од тоа што сончогледите го „бркаат“ сонцето.

„Пчелите сакаат топли цветови“, објаснува Хармер. 
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука