X
 09.03.2020 Образование

Почна меѓународниот натпревар по роботика - Робомак 2020

ФЕИТ ќе биде место каде што шеесетина студенти ќе имаат можност да се стекнат со нови теоретски знаења од областа на роботиката, електрониката и вештачкатa интелигенција

На Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје денеска почна меѓународниот натпревар за роботика и вештачка интелигенција Робомак 2020. Оваа година студентите од Македонија и други држави, во наредните пет дена, ќе си ги измерат своите сили во знаењето на роботиката и вештачката интелигенција.

За продеканката на ФЕИТ, професор д-р Соња Геговска-Зајкова, во наредните неколку дена ФЕИТ ќе биде место каде што шеесетина студенти - натпреварувачи, од кои дел се гости од Србија и од Грција, ќе имаат можност, следејќи ги предавањата на познати стручњаци, да се стекнат со нови теоретски знаења од областа на роботиката, електрониката и вештачкатa интелигенција. Следејќи ги минатогодишните искуства, и годинава во неделата на роботиката ќе ги вклучуваме средношколците.



Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски потенцира дека Робомак веќе е препознатлив настан не само за Факултетот за електротехника и информациски технологии туку и за нашата држава.

- Тоа што се одржува 10 години по ред е само потврда за големиот интерес и резултатите што произлегуваат оттука... За многу од вас, кои сте последна година на студии, можеби ова ќе биде и последен ваков настан на факултетот и веќе размислувате за тоа каде понатаму. Предизвикот со кој ќе се соочите кога ќе завршите со студии ќе биде дали да заминете надвор од државата и своето знаење да го аплицирате во некоја европска или светска метропола или да останете тука. Можностите што ви ги дава овој факултет се големи и знам дека многу врати веќе ви се отворени. Но, ве уверувам и апелирам до вас дека најдобро е прво да пробате да успеете тука. Наша цел како МИОА и како Влада е да направиме сè што е во наша моќ да ги обезбедиме сите предуслови за да го направите вистинскиот избор и да не заминете - рече министерот Манчевски.



Професор д-р Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ, е горд што нашата држава, конкретно нашиот високообразовен систем и уште поконкретно, нашиот Универзитет, образова инвентивни студенти, млади личности – ентузијасти кои на светската јавност им ги презентираат нашите достигнувања во роботиката. „Исто така, горд сум што тие ги доближуваат технолошките достигнувања и создаваат роботи со вештачка интелигенција или машини што размислуваат. Овие млади личности се граѓани на светот“.

Робомак 2020 го организираат студентите од IEEE Студентска гранка при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје со цел да се популаризираат роботиката и вештачката интелигенција меѓу студентите и младите во Македонија и соседните региони. Студентите, преку работилници и предавања, стекнуваат знаење и искуство во работа во тимови. Победниците добиваат медали и сертификати. Студентите ќе се натпреваруваат во шест различни категории Self-racing cars, Maze, Sumo, Machine Learning, Sphero, Line Follower.

Завршниот настан на оваа неколкудневна манифестација ќе биде на 14 март (сабота) во 18 часот во Домот на АРМ.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование