X
 09.04.2020 Образование

Студентите на ФЕИТ имаат огромна помош од онлајн-предавањата

Резултатите од спроведената анкета овозможуваат да ги согледаат и да ги отстранат слабостите на електронската настава

Наставата на Факултетот за електротехника и информациски технологии од 18 март 2020 година се спроведува електронски, односно преку видеоконференциска врска на платформата „Зум“. Покрај поставување соодветни материјали за учење на порталот е-Курсеви, предавањата и аудиториските вежби се одвиваат електронски согласно актуелниот распоред на часови во летниот семестар.



По една недела од почнувањето на реализацијата на овој вид настава, факултетското Студентско собрание при ФЕИТ, во периодот од 28 до 30 март, спроведе истражување за да ги испита мислењето и задоволството на студентите од наставата реализирана на овој начин. Истражувањето е реализирано електронски и анкетниот прашалник го пополниле 423 испитаници-студенти на ФЕИТ.

Анализата на одговорите покажува дека на прашањето „Колкава корист имаше од онлајн-часовите?“, позитивен одговор дале околу 90 отсто од студентите. Само за 8 отсто електронските предавања „не биле од корист“, односно за 2 отсто „онлајн-предавањата помагаат исто колку што помагаат и обичните предавања“.

Околу 37 отсто (160 студенти) одговориле дека на предавањата има постојана интеракција со професорот или асистентот. За 52 отсто постоела интеракција при предавањето, но таа сепак била мала, а за 9 отсто воопшто немало конверзација меѓу студентите и професорите/асистентите.

Проф. д-р Соња Геговска-Зајкова (лево)

Според проф. д-р Соња Геговска-Зајкова, продекан за настава на ФЕИТ, резултатите од спроведената анкета овозможуваат да ги согледаат и да ги отстранат слабостите од спроведувањето на електронската настава.

- Да забележиме дека анкетата е спроведена по само една недела од воведувањето на овој вид настава. Во меѓувреме беа отстранети повеќето технички недостатоци, главно поврзани со постапката за најавување на студентите на системот за видеоконференција. Искуствата што ги стекнува и разменува наставниот кадар ни овозможуваат постојано да го подобруваме квалитетот на електронската настава. Во таа насока, за поефикасно изведување на наставата, Факултетот набави пен-таблети со кои се заменува таблата - вели Геговска-Зајкова.



Според неа, една од најзначајните разлики меѓу електронската и класичната настава е интеракцијата меѓу наставниците и студентите. Иако интензитетот на оваа интеракција зависи и од наставникот и од студентите, сепак, таа многу полесно се воспоставува на регуларните часови, кога комуникацијата со студентите е непосредна и од нив се бара да се вклучат во дискусијата и да извлечат соодветни заклучоци.

- Иако видеоконференциската врска овозможува вклучување на студентите, имам впечаток дека оваа можност  сè уште не ја користат доволно - вели Геговска-Зајкова.

Според Дејан Димитриев, претседател на факултетското Студентско собрание, интеракцијата помеѓу наставникот и студентот е од особено значење за поподробно разбирање на материјалот од страна на студентот.



- Затоа јас и факултетското собрание веруваме дека е потребна континуирана работа и понатамошна имплементација на нови и модерни начини на водење на наставата, нешто што би овозможило значително да порасне интеракцијата помеѓу студентите и професорите/асистентите - вели Димитриев.

Студентите, главно, немале технички проблеми при реализацијата на онлајн-предавањата, иако има и такви што се соочиле со проблеми. Околу 58 отсто одговориле дека немаат проблеми од техничка природа. Најчести проблеми со кои се соочиле студентите на онлајн-предавањата се „проблеми со влез во конференцијата, иако внесуваат точна лозинка, проблеми со конекција, слаби технички уреди или недостиг на опрема за следење на наставата“, дообјаснува Димитриев.

Прашалникот и одговорите, добиени на анонимен начин, Студентското собрание при ФЕИТ ги доставило до факултетската управа и до членовите на деканската управа на Факултетот.

Студентите на ФЕИТ, на редовна настава (Архива на ФЕИТ)

- Наша должност како тело што го претставува гласот на студентите на факултетот е да работиме на тоа нашите студенти да имаат квалитетни услови за одржување на наставата. Одлучивме да го спроведеме овој прашалник со цел мислењето на студентите за овој вид настава, како и за сите проблеми, предности и недостатоци, да биде објективно дадено. Факултетското собрание им благодари на студентите што го одговорија прашалникот, само на овој начин можеме објективно да ја следиме ситуацијата. Факултетското собрание ќе продолжи на неделна база да го спроведува прашалникот и активно да ја следи изведбата на наставата - вели Димитриев.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование