20.06.2018
Образование
ФЕИТ свечено ги промовираше дипломците и магистрите
Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, вчеравечер, свечено промовираше 204 дипломци и 67 магистри – втор циклус на студии.
Деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски, во своето обраќање во Македонската Филхармонија на дипломираните студенти и на магистрите им порача „можностите кои ги нуди вашето стекнато знаење на ФЕИТ се неограничени и дозволете си водилки да Ви бидат храброста и интуицијата, но и вербата дека сте опремени со сé што Ви е потребно да се зафатите силно во костец со новите предизвици. Можеби сум пристрасен, но искрено верувам дека сте најсреќните дипломци на целиот универзитет, бидејќи сте меѓу најуспешните и најнаградуваните студенти. Оваа генерација донесе многу успеси на ФЕИТ... Се надевам и верувам дека сте подготвени и инспирирани за задачите што Ве чекаат и верувам дека имате доволно страст да ги направите Македонија, а некои од Вас и светот, подобро место“.
Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, изрази задоволство што сé поголем број ученици се одлучуваат своето образование да го продолжат на некој од техничките факултети во земјава.
„Тоа е добро, бидејќи да се биде студент на техничките науки, значи да се инвестира во сигурна иднина... Македонското инженерско образование, за разлика од порано, е многу поотворено кон потребите на бизнис заедницата. Тоа може да се види од интересот на факултетите да прават промени, да отвораат нови студиски групи и програми и да ги надградуваат постојните, со што се прилагодуваат кон потребите на стопанството. Особено овој факултет ги следи современите образовни и општествени текови и трендови и ги имплементира во работата и образовниот и научен процес. И затоа е карактеризиран како модерна високо образовна установа“, рече министерот Адеми.
Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, професор д-р Никола Јанкуловски на дипломците и магистрите им порача дека овој навидум крај, е почеток на нов животен циклус во кој влегуваат наоружани со знаење.
„Со вашето студирање на најстариот и најдобриот универзитет го стекнавте вистинскиот потенцијал да се изградите во уште поуспешни личности. Апелирам да не дозволите приликите во кои битисуваме да ја урнат вашата мотивација и да го оневозможат вашиот потенцијал. Нека амбицијата, упорноста, визијата бидат ваши моќни оружја за остварување на зацртаните цели и придонес во животот и во науката“, рече ректорот професор д-р Јанкуловски.
Од своето досегашно постоење, во далечната 1959 година, на Факултетот за електротехника и информациски технологии дипломирале околу 10.000 студенти и над 1.000 магистри.