X
 09.05.2021 Наука

Каква може да биде иднината ако не преземеме ништо за климатските промени?

Климатската криза повеќе не е само закана бидејќи луѓето веќе живеат со последиците од зголеменото ниво на штетни гасови во атмосферата. Сепак, начинот на кој светот ќе реагира на проблемот во следните години ќе има огромни последици врз генерациите што допрва ќе се родат, пишува експертот Марк Маслин за „Конверзејшн“.

Во книгата „Како да ја спасиме нашата планета“ (англ. How to save our planet) Маслин замислува две различни верзии за иднината. Во едното сценарио светот не направил многу за да го реши проблемот со климатските промени, а во второто луѓето направиле најмногу што можат за да го решат проблемот.

2100 година - негативно сценарио

Завршил 21 век, а не биле преземени речиси никакви мерки за да се спречат климатските промени. Глобалните температури пораснале за над 4 Целзиусови степени, а во многу земји во лето температурата постојано е над 40 степени. Во тропските земји често има топлински бранови кога температурата стигнува до 50 степени.


Фото: Pixabay

Секое лето има огромни пожари на секој континент освен на Антарктикот, а овие пожари создаваат чад кој го отежнува дишењето и предизвикува здравствена криза. Температурите на океаните драматично се зголемиле, а Големиот Корален Гребен во Австралија официјално бил прогласен за мртов.

На планетата има долги суши, а се зголемиле пустините и предизвикале раселување на милиони луѓе. Околу 3,5 милијарди луѓе живеат во места во кои побарувачката за вода е поголема од количеството што е достапно.

Загадувањето на воздухот се проширило од градовите во празните рурални предели, а на Арктикот нема мраз секое лето. Се топи мразот на Гренланд и западниот дел од Антарктикот, а повеќето глечери на планините целосно се стопени. Скијањето е претежно внатрешен спорт што се одвива во вештачки услови. Поголемиот дел од мразот на Хималаите е стопен, па затоа има помалку вода во реките, од кои се зависни над 600 милиони луѓе.

Морското ниво се зголемило за над еден метар, а многу градови, меѓу кои и Хонгконг, Рио де Жанеиро и Мајами, се потопени или несоодветни за живот. Малдивите и други мали островски нации се напуштени. Многу крајбрежни градови редовно се поплавуваат, а над 20% од Бангладеш постојано се под вода.


Фото: Pixabay

Зимските невремиња се посилни и носат повеќе вода, што предизвикува штета секоја година. Тропските циклони се посилни и зафаќаат региони со десетици милиони луѓе секоја година. Почесто има и мегациклони. Монсуните во Југоисточна Азија се поинтензивни и понепредвидливи и носат премногу или премалку дожд, а влијаат врз над 3 милијарди луѓе.

Низ светот се зголемила несигурноста за достапна храна и вода, екстремната топлина и влажност во делови од земјата ги намалуваат деновите соодветни за работа надвор, а тоа влијае врз производството на храна. Половина од земјата што порано се користела за земјоделство сега не може да се користи, а количеството храна зависи од период до период.

Има и помалку риби бидејќи се зголемила киселоста во океаните за 125%. И покрај напредоците во медицинските науки, умираат повеќе луѓе од туберкулоза, маларија, колера и респираторни болести. Екстремните временски услови предизвикуваат дополнителни смртни случаи.

2100 година - позитивно сценарио

Глобалните температури се зголемиле за 1,5 степен до 2050 и останале на тоа ниво до крајот на векот. Фосилните горива се замениле со обновлива енергија, а биле засадени и над билион дрвја. Воздухот е почист од порано. Структурата на градовите била сменета и сега тие нудат јавен превоз кој работи на електрична енергија, а насекаде има повеќе зелени површини.


Фото: Pixabay

Многу нови згради создаваат енергија со соларни панели и имаат зелени покриви кои ги ладат градовите. Во многу големи градови се користат брзи електрични возови, а големите авиони користат синтетички керозин кој се прави со комбинација од вода и јаглероден диоксид кој се извлекува директно од атмосферата.

Луѓето јадат помалку месо, а се зголемила ефикасноста на сточарите и земјоделците, додека се намалило производството на храна во масовни количини.

Ова се две многу различни иднини, а животот на идните генерации ќе зависи од одлуките што ги носиме денес, заклучува Маслин.

Автор: Марк Маслин
Извор: theconversation.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука