Леонардо Ди Каприо на премиерата на својот нов филм на филмскиот фестивал во Лондон, изјави дека климатските промени се најважното прашање со кое се соочуваат младите денес.
Во документарниот филм "Пред потопот" Леонардо ди Каприо патува низ светот со цел да се увери од прва рака за негативните последици од глобалното затоплување. Филмот е во дело на продукциската куќа National Geographic, а ќе биде прикажан на нивниот канал на 31 октомври.
Режисерот на филмот Фишер Стивенс вели дека со филмот најпрво сакаат да ги поттикнат младите луѓе да размислуваат и да дејствуваат. Една од целите на филмот, е да се прекине дебатата околу тоа дали навистина се случува глобалното затоплување или не. „Како што сме истакнале неколку пати во филмот – неверувањето во тоа дека факторот човек предизвикува климатски промени е исто со неверувањето во гравитација“, изјави Стивенс.
Инаку, Леонардо ди Каприо со години наназад е ангажиран во голем број активности за заштита на живата средина, а пред две години Обединетите Нации го прогласија за гласник на мирот, со посебен акцент на климатските промени. Познатиот актер уште во 1998-мата година ја оформи Фондацијата Леонардо Ди Каприо (The Leonardo DiCaprio Foundation), која преку различни кампањи, медиумски проекти и собирање средства, се занимава со хуманитарни и еколошки прашања. Ди Каприо го продуцираше и документарниот филм „Последните часа“ поврзан за состојбата на нашата планета, а преку својата фондација, е еден од главните донатори на World Wildlife Fund, светска организација за заштита на природата.
Леонардо Ди Каприо не е единствената позната личност која е загрижена за состојбата на природата. На пример, Тед Дансон, истакнат активист за зачувување на морињата и океаните, има објавено книга на оваа тема, а активен е и во познатата организација Ocean.
Кејт Бланшет, уметнички директор на театарска компанија Sindey, е најзаслужна за тоа што театарот The Warf во Сиднеј доби соларни панели и еден од најголемите системи во светот за собирање на дождовница. Дерил Хана пак, има оформено здружение кое се занимава со одржливиот развој и промовирање на употребата на биодизел и обновливи извори на енергија. Таа исто така, води своја сопствена интернет страница, преку која дава совети на „зелен“ начин на живот.
Пред две години, на Американската асоцијација за заштита на меѓународната животна средина започна многу интересна кампања „Природата зборува“, во која се вклучија Џулија Робертс, Харисон Форд, Кевин Спејси, Едвард Нортон, Пенелопе Круз, Роберт Редфорд и Иан Сомерхалдер, а нивните гласови се претворија во гласот на природата.