X
 09.09.2021 Образование

Нова постдипломска студиска програма по дидактика и методика на наставата по германски јазик на Филолошки

На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје во тек е пријавувањето за упис на вториот циклус академски студии по дидактика и методика на наставата по германски јазик во првиот рок во академската 2021/2022 година.

Новата студиска програма, која има цел да го унапреди постдипломското образование на наставниците по германски јазик, е резултат на Договорот за соработка склучен меѓу Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и Гете-институтот во Скопје на 29.1.2019 година.
Студиската програма содржи општообразовен дел, неопходен за вториот циклус студии по наука за јазикот, и стручнообразовен дел, неодминлив за држење успешна настава по германски како странски јазик во согласност со актуелните услови на работа, кои се, пред сè, резултат на Дигиталната револуција. Во стручните предмети се преточија модулите од новата образовна серија Да научиме да држиме настава по германски јазик (Deutsch Lehren Lernen – DLL), која ја издаде Гете-институт, водечката институција за усовршување на наставниците по германски јазик во светот. Едицијата претставува одговор на изменетите критериуми за квалификација на наставниците по германски јазик, на кои им се нуди можност да си ги прошират дидактички-методските знаења и наставната вештина.

Предметите произлезени од едицијата DLL се реализираат со настава во училница и со онлајн настава, со теоретска и со практична настава, со печатени материјали и со електронски медиуми, во соработка со универзитетски професори и со обучувачи за дигиталните медиуми, со апсорбција на знаење и со рефлексија, со размена на мислења и на искуства и со саморефлексија.
Лицето што ќе ги заврши едногодишните студии ќе го стекне називот магистер по дидактика и методика на наставата по германски јазик.
Пријавувањето на кандидатите ќе трае од 20 до 29 септември 2021 година, а рокот за запишување е од 1 до 4 октомври 2021 година.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование