Нашиот предлог е овие пари да се одземат од сумата за школарина што ја плаќаат студентите, велат од Универзитетското студентско собрание
Информативни, информатички, културни и спортски активности (ИИКСА) - вака се вика давачката од 750 денари што ја има секој студент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а која е задолжителна при упис на нова академска година. Сепак, иако годинава има пандемија на Ковид-19, наставата се одвива онлајн и активности од областа на спортот и културата нема, студентите мора да ги уплатат парите на сметките на факултетите.
Универзитетското студентско собрание (УСС) објави дека барањето за укинување на ИИКСА ќе биде поставено на утрешната седница на ректорската управа на универзитетот.
- Нема логика да се плаќа давачка за културни и спортски активности на универзитетот кои не се одржаа во 2020, а најверојатно нема да се одржат ниту следната година поради мерките за спречување на вирусот. Студентите секој септември плаќаат по 750 денари. Не можеше да се реагира порано затоа што седница на ректорска управа немало од јуни, па немаше кога да се постави ова прашање како проблем. Нашиот предлог е овие пари да се одземат од сумата за школарина што ја плаќаат студентите - вели за Факултети.мк претседателот на Универзитетското студентско собрание, Борјан Ефтимов.
Од УСС велат дека како студентско собрание остануваат на ставот дека оваа давачка е неоснована.
- Во време на светска пандемија не се организираат ниту културни ниту спортски активности. Оттука, УСС ќе бара тие 750 денари што студентите ги плаќаат за ИИКСА да им бидат одбиени од некој следен трошок. Така, доколку нашето барање биде прифатено, сумата што ќе треба да ја платат студентите при уписите на летниот семестар ќе биде намалена за 750 денари - велат оттаму.