Во манирите на меланхоличните фадо-звуци, вечерва почнува јубилејното 20. издание на „ОФФест“ и ќе трае до 13 ноември. Фестивалот најпрвин ќе почне со документарниот филм "The Art of Amalia", посветен на големата фадо-дива Амалија Родригез (МКЦ кино „Фросина“, 18 ч.), а ќе продолжи во НОБ од 20 часот со настапот на Лина и Раул Рефри, кои се најзначајните експоненти на модерното фадо денес.
- Импресивниот список со учесници кажува сè. Едноставно, во Скопје пристигнуваат најзначајните музички имиња од сите меридијани и континенти, а таквото богатство го надополни и традицијата во програмата со претежно ексклузивни проекти да бидат застапени и водечките македонски уметници, познати и надвор од нашите граници. За јубилејот, за кој не криеме дека сме многу горди, да споделиме сите по една чашка убаво црвено вино. Макар и на дистанца - изјавија организаторите на „ОФФест“ на својот фејсбук-профил.
На програмата на фестивалот се повеќе музички изведувачи, меѓу кои триото „ШИРОМ“ од Словенија, како и бразилскиот гитарист/композитор Кико Динучи со неговата специјална гостинка Јусара Марсал. На фестивалот ќе настапи и африканскиот автор Блик Баси (Камерун/Франција), кој одлично се вклопува во неодоливиот шарм, визија и поезија на Пијан славеј (Македонија), новиот проект на Бранислав Николов, фронтменот на „Фолтин“.
фото. официјална страница на „ОФФест“