И во услови на криза и на многу ограничувања, нашиот тим се потруди да обезбеди квалитетна и шаренолика „Литера 2020“. Се фокусираме на емоцијата и на бојата, повторно водени од мислата на Кондовски: „Цртањето е забавно, но и корисно за децата“. Во таа насока имаме неколку работилници за деца со искусни и квалитетни едукатори, ќе организираме и дебата за значењето на детската илустрација, а, се разбира, ќе има и промоции
Иако релативно млад, Меѓународниот фестивал за детска литература и илустрација „Литера“ веќе шири позитивна енергија. Исправен пред големи предизвици, но никако од типот „да се биде или не“, тимот на фестивалот го најавува второто издание, кое ќе се реализира од 14 до 19 октомври во Мала станица и Даут-пашиниот амам.
Разговараме со Софија Семенпеева-Трајановска, основач на фестивалот и директор на агенцијата „Ефектива“, која го организира „Литера“.
Семенпеева заедно со Урош Вељковиќ, координатор на изложбата на Кондовски
Организирање фестивал во време на пандемија е голем предизвик, а за многумина и траума. Низ какви премрежиња поминувавте месециве на неизвесност во однос на „Литера“?
- Одговорноста и предизвикот се навистина големи бидејќи, од една страна, свесни сме за ризиците при организирање какви било јавни настани, но, од друга страна, се водиме од мислата дека животот мора да продолжи, а културата не смее да биде жртва на актуелната ситуација. Секако, одлуката дали да се одржи „Литера 2020“ и во која форма не беше лесна и не ја донесовме преку ноќ. Пандемијата е предизвик за целиот свет, а истовремено и траума. Лично сметам дека токму уметноста, книжевноста, природата се единствената комбинација која може да ни помогне полесно да се соочиме со новиот начин на живот. Затоа одлучивме „Литера“ годинава да го доживее своето второ издание. Всушност, ова е трет термин за одржување на фестивалот. Првиот беше закажан во април, пред почетокот на пандемијата, и тогаш беа договорени многу странски гости, експо-дел со многу литературни промоции и поголем број работилници. Вториот беше во летните месеци, но и тогаш наидовме на одредени проблеми, за конечно да дојдеме до компромисно решение, „Литера“ да се одржи од 14 до 19 октомври, се разбира, со целосно почитување на протоколите за заштита од Ковид-19 и со настани кои нема да бидат масовни.
Семенпеева на саемот за детска литература во Болоња
Концептот на фестивалот е да биде содржински богат, но со ограничен број посетители. Особено сме горди што во вакви услови успеавме да ја подготвиме првата ретроспективна изложба на илустрации на Димитар Кондовски, која за многумина ќе биде прекрасно патување во детството и во спомените од минатото.
Нашата намера е „Литера“ да не биде настан што трае само неколку дена, туку да имаме активности во текот на целата година. Притоа ќе посетиме повеќе градови и села низ цела Македонија, каде што ќе организираме работилници и промоции на книги и за тамошните дечиња.
Фестивалот треба да се одржи во својата приспособлива форма и малку да ги навратиме сите кон убавите спомени од детството кои ќе ги разбудат илустрациите на Кондовски. Убедена сум дека изложбата ќе промени многу во творештвото на нашите млади илустратори, ќе инспирира, ќе разбуди многу убави емоции. Верувам дека ќе натера многумина да пробуричкаат низ своите стари библиотеки и на своите деца да им ги покажат старите изданија од некогашните лектири.
Од првото издание на „Литера“ во Музејот на современата уметност
Избравте впечатлив начин за да го отворите фестивалот – изложба на илустрации на големиот Димитар Кондовски. Како дојдовте до идејата да го доближите волшебниот свет на Кондовски до децата?
- Креирајќи го концептот на „Литера“, одлучивме дека покрај изложбата на актуелни илустратори, секоја година ќе има и ретроспективен дел во кој пред македонската публика ќе им оддадеме почит на нашите доајени на илустрацијата. Минатата година имавме групна изложба на која беа застапени повеќе автори, па така годинава решивме дека Кондовски е прв во низата од оние што заслужуваат целосна поставка. Самиот Кондовски во изјава за медиумите има кажано дека сака да направи своја изложба на илустрации од детски книги и сакал на децата да им покаже дека цртањето е забавна активност. 30 години подоцна, ние како тим, со голема поддршка од семејството на Кондовски, ја остваруваме неговата голема желба. Изложбата е едно убаво временско патување и потсетување за еден многу важен дел од нашето културно наследство и богатство. Верувам дека оваа изложба ќе инспирира многумина и ќе разбуди убави емоции. Во крајна линија, ќе ги натера генерациите што се сега родители да пробуричкаат низ своите стари библиотеки, бидејќи огромна е веројатноста таму да има книги илустрирани од великанот Кондовски.
Илустрациите на Кондовски многумина ќе ги вратат во детството
Новото време бара и нови изразни средства. Освен што фестивалот годинава ќе понуди програма во живо наменета за редуциран број учесници, ќе имате и онлајн-понуда. Што ќе содржи?
- Подготвуваме онлајн-платформа која ќе биде составен дел од фестивалот „Литера“. Нашата идеја е таму да се поставуваат нови содржини во текот на целата година, содржини кои ќе бидат интересни и значајни за сите, почнувајќи од издавачките куќи, писателите, илустраторите, децата, родителите итн. Наскоро ќе понудиме и онлајн-едукативни работилници, а ќе има и дел посветен за промоција на новите изданија од литературата за деца. Нашата крајна цел е да ја поттикнеме креативноста кај децата и во ова дигитално време да ја разбудиме нивната инспирација.
Дополнително, работиме на тоа дел од настаните на „Литера 2020“ да бидат пренесувани во живо на социјалните мрежи, со цел да ги направиме достапни за сите што се заинтересирани да ги проследат.
Се добива впечатокот дека и кај нас сè повеќе се обрнува внимание на добрите корици, на креативни изданија за деца. Напредуваме ли на полето на илустрациите?
- Една слика вреди илјада зборови. Можеби звучи како клише, но е вистинито. Токму опусот на Кондовски најдобро сведочи за значењето на илустрацијата. Неговите насловни страници на лектирите и учебниците, и по 30 години, сè уште се врежани во нашата меморија како слатко сеќавање од детството. Искрено се радувам што последните неколку години се обрнува сериозно внимание на илустрирањето на литературата за деца. Ова, од друга страна, ги охрабрува домашните автори да се посветат на овој сегмент од ликовната уметност и сè повеќе гледам квалитетни авторски илустрации. Потребно е уште да се работи, но верувам дека сме на добар пат. Имаме квалитетни илустратори, но, за жал, не секогаш се максимално посветени на креирање на детската илустрација. Кога би имале шанса и да заработуваат за живот од тоа, верувам дека и продукцијата и квалитетот би биле далеку подобри.
Македонија поседува непроценета ризница на илустрации кои, за жал, седат во некој блок низ плакарите на авторите или на нивните наследници. Никој не се заинтересирал да се направи музејска поставка на македонската илустрација, која е многу квалитетна. Ние втора година се обидуваме во соработка со семејствата да покажеме што сè поседуваме како национално богатство и со тоа верувам инспирираме млади илустратори.
Кои теми ќе ги опфати „Литера“ годинава?
- И во услови на криза и на многу ограничувања, нашиот тим се потруди да обезбеди квалитетна и шаренолика „Литера 2020“. Годинава, од содржински аспект, се фокусираме на емоцијата и на бојата, повторно водени од мислата на Кондовски: „Цртањето е забавно, но и корисно за децата“. Во таа насока имаме неколку работилници за деца со искусни и квалитетни едукатори, ќе организираме и дебата за значењето на детската илустрација, а, се разбира, ќе има и промоции на нови интересни изданија.
Новитет се наградите „Литера“, па така ќе избереме најдобра илустрација за деца, најдобро книжевно дело и најдобро издание како комбинација од текст и илустрација, во конкуренција на домашните автори и издавачките куќи.
За мене, лично, работилниците за деца се најважниот дел од „Литера“. Преку цртеж и боја се развива креативната, но и емоционалната интелигенција на децата. Затоа, наместо да се намалува, во образовниот систем треба да се зголемува фондот на часови по ликовно образование. Преку креативниот процес децата се ослободуваат од сите пранги што ги носи современото живеење. Дозволете им слобода барем неколку часа неделно. Од искуството што го имаме со детските работилници наназад, единствено ќе кажам дека децата сакаат да цртаат, да креираат. Волшебни се нивните дела.