„Професоре! Да не морав да ви дадам 500 евра за испит, сега ќе имав пари да си купам стара опел корса!“ „Ако не требаше да дадам 300 евра за испит, сега ќе можев да си купам нов мобилен!“ Ова се дел од пораките напишани на големи транспаренти и закачени на факултети во Скопје, во рамките на урбаните акции на група активисти по повод 9 Декември, Светскиот ден на борбата против корупцијата.
- За жал, Македонија со години ја губи оваа битка и е една од најкорумпираните држави во Европа. Минатата година од 44 држави во Европа, само две беа рангирани како покорумпирани од Македонија. Реномето за длабоко корумпирана земја го одржуваме со години, а корупцијата секојдневно го нагризува и она малку здраво ткиво што остана во државата - велат активистите.
Денешната акција тие им ја посветуваат на сите оние што заглавени во безизлезните лавиринти на нефункционалната администрација, кои немале кому да се обратат за да завршат работа или да остварат некое свое право, на крајот подлегнале и се вклучиле во синџирот на митото и корупцијата, иако биле свесни дека и самите прават кривично дело.
- Инспирацијата за оваа акција потекнува од вистински приказни и ситуации во кои се нашле неколкумина наши сограѓани, кои своите приказни ги споделија со нас, што значи дека цитатите се вистински, а имињата секако се измислени. Темите на судството, образованието, царината... се само случајно одбрани од многуте теми во нашето општество каде што царува корупцијата - велат активистите.