„Училиштата наместо да бидат храмови на знаењето и напредокот, претворени се во тендерџилници во кои децата имаат пристап до сè, освен до уки и науки“. Ова е една од пораките што осамнаа денеска пред комплексот Порта-Буњаковец во центарот на Скопје. Поточно - молив голем околу 3,5 метри и голем лист хартија. Инсталацијата е поставена по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, а ја изработи екипата што направи повеќе урбани уметнички акции. Ова се пораките што светите браќа Кирил и Методиј денес би им ги порачале на нашите политичари:
• Денес во летото Господово 2018 во Македонија сè уште има неписмени, и тоа не малку, туку над 40.000.
• Дури две третини од младата популација во Македонија се функционално неписмени. Од 70 земји во светот, Македонија се наоѓа на 68. позиција, пред Косово и Доминиканската Република, според овој податок.
• Според последниот попис од 2002, во Македонија имало над 70.000 неписмени.
• Македонија има најниска стапка на запишани деца во основно и во средно образование во регионот, со ова имаме значителен дел од младата популација што воопшто не е вклучена во образованието и има значително намалени шанси за успех во понатамошниот дел од животот.
• Училиштата наместо да бидат храмови на знаењето и напредокот, се претворени во тендерџилници во кои децата имаат пристап до сè освен до уки и науки.
• Во над 130 села децата учат во катастрофални услови, покривите протекуваат, нема пристојни санитарни јазли или затоплување.
• Во над 20 села училиштата се распаѓаат и опасни се да се влегува во нив.
• Програмите, учебниците и начинот на учење се исти како пред 100 години, нашиот род замина на Месечината и патува кон други планети, а во нашите читанки Орце сè уште ора ореви.
Свестете се, ние ја описменивме половина Европа, а вие не можете ниту нашата Македонија,
Поздрав,
Кире и Мете
Лето Господово 2018-то.
Граѓаните ги читаат пораките