X
 10.01.2023 Живот

Денеска е доделувањето на „Златните глобуси“

„Златните глобуси“ последниве години ги тресат скандали и бојкоти, но денеска ќе се обидат барем делумно да си го вратат угледот со присуството на холивудската „А-листа“.

Ова доделување традиционално ја отвора сезоната на филмски награди, но лани беше повлечено од националните телевизии поради обвинувањата дека организаторот – Здружението на странски новинари во Холивуд (ХФПА) е исклучиво „бела организација“ која не прави ништо за промовирање на расните, етничките и други различности.

Откако ХФПА, здружение кое претходно немаше црнци, презеде чекори за реформи, НБЦ се согласи да ја емитува свеченоста оваа година, а покани беа упатени до најголемите ѕвезди во Холивуд. Меѓу нив се очекуваат Стивен Спилберг, чиј полуавтобиографски филм „Фабелманови“ е фаворит за најдобра драма, и Еди Марфи, добитник на „Глобусот“ за животно дело.

Домаќин на наградите ќе биде комичарот Џерод Кармајкл, а меѓу доделувачите ќе биде и Квентин Тарантино.

Но, многу од номинираните сѐ уште не го потврдиле своето доаѓање. Новинарот Пит Хамонд смета дека овогодишните „Златни глобуси“ ќе се разликуваат од вообичаениот блесок, познат по бурните забави по доделувањето на наградите.

– Ќе биде многу потивко. Нема да ја има вообичаената „афтерпарти“ забава. Ништо од тоа… Филмските студија нема да трошат пари за тоа оваа година - изјави Хамонд.
За разлика од „Оскарите“, „Златните глобуси“ се поделени во две категории: „Драма“ и „Мјузикл или комедија“. Меѓу драмите, филмот на Спилберг ќе има остра конкуренција од хитовите „Топ ган: Маверик“ со Том Круз и продолжението на „Аватар“ на Џејмс Камерон.

Два филма од светот на музичката драма – „Тар“ и „Елвис“ би можеле да изненадат, велат познавачите. Ѕвездите во нив – Кејт Бланшет, која глуми бескрупулозна диригентка, и Остин Батлер, кој го отелотвори „кралот на рокот“, се фаворити кај глумците.
Том Круз, кој е и продуцент на продолжението на „Топ ган“, веројатно нема да присуствува на доделувањето на наградите бидејќи веќе ги врати неговите три „Златни глобуси“ на ХФПА во знак на протест поради нивното однесување.

Трагикомедијата „Самовилите на Инишерин“ (The Banshees of Inisherin) има најмногу номинации за „Глобус“ – дури осум и е фаворит за титулата најдобра комедија, а Колин Фарел има можност за наградата за најдобар глумец во комедија.

Сепак, неодамнешните контроверзии ги заматија водите. ХФПА додаде повеќе од сто расно различни гласачи оваа година, иако тие не се постојани членови на асоцијацијата на странски печат, што го отежнува предвидувањето на кого ќе му биде доделен „Златниот глобус“. Хамонд од друга страна, вели дека традицијата тешко се менува.

– Не можете да ја купите традицијата! Но, контроверзиите околу недостигот на различности, недостигот на професионализам и наводната корупција значително го намалија влијанието на „Златните глобуси“ врз „Оскарите“ - рече Хамонд. – Кога секоја приказна за „Глобусите“ почнува со скандали… Тоа ја прави наградата помалку веродостојна во очите на гласачите на Академијата, рече тој.
Гласачите на Академијата ќе почнат да гласаат за номинациите за „Оскар“ в четврток, два дена по доделувањето на „Златните глобуси“.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот