X
 17.04.2019 Култура

Новинарските истражувања за масакрот во училиште во Паркланд добија Пулицерова награда

Пулицеровата награда оваа година ја добија две новинарски истражувања поврзани со американскиот претседател Доналд Трамп и известувањата за проблемот со вооружените напади по нападот на училиштето во Паркленд.

На доделувањето на наградите постхумно ѝ беше врачена Пулицеровата награда за Арета Френклин за нејзиниот придонес во американската музика и култура.

Една од Пулицеровите награди отиде во рацете на репортерите од „Њујорк тајмс“ за нивното 18-месечно истражување и текстови за бизнис-империјата на Доналд Трамп. Дејвид Берстоу, Сузан Крег и Рас Бутнер беа наградени во категоријата објаснувачко известување. Нивното истражување го поби тврдењето на Трамп дека сам го создал своето богатство и покажа дека неговата империја користи трикови со кои го избегнува данокот.

nagrada

Новинарите во октомври 2018 година открија и дека Трамп со години добивал пари од својот татко во висина од 413 милиони долари, а парите пристигнувале од фиктивна компанија за да може да се избегне плаќање данок.

Пулицерова награда во категоријата национално известување добија новинарите од „Волстрит журнал“ за обелоденувањето дека Трамп пред претседателските избори во 2016 година им платил на две жени за тие да зборуваат јавно за нивната афера со него.

Три Пулицерови награди беа доделени за известувањата за масакри во САД. Едната Пулицерова награда ја доби весникот „Сан Сентинел“ за известувањето за училишниот масакр во Паркленд, односно за пропустите на училиштето, властите и на полицијата што довеле до загуба на толку животи.

Награда доби и „Питсбург пост-газета“ за известувањето во врска со нападот врз синагогата во Питсбург што се случи минатиот октомври. Специјална награда доби и „Капитал газета“ за известувањето за масакрот во сопствената редакција во Анаполис, Мериленд. Покрај наградата, на весникот му се доделени и 88.000 долари за да продолжи со својата работа.

Пулицеровата награда се доделува во 21 категорија од 1917 година. Наградата е именувана по американскиот новинар и издавач Џозеф Пулицер.

ТУКА можете да ја погледнете листата со победниците.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура