Аеродромот во Дубаи, кој е најкористен за меѓународни летови, веќе изгледа футуристички со вештачки палми, модерни терминали, фонтани итн. Но сега може да се пофали со услуга која изгледа како нешто од научнофантастичните филмови. Станува збор за скенер на ирисот од окото со кој се потврдува идентитетот на патниците, а со тоа се елиминира потребата за човечка комуникација при влез и излез од земјата.
Овој скенер бил поставен во дел од аеродромот наменет за транзитни летови. Обединетите Арапски Емирати ја претставиле технологијата за да помогнат во намалувањето на ширењето на коронавирусот. Аеродромот почнал да ја нуди опцијата за идентификација на ирисот во соработка со авионската агенција „Емирати“ минатиот месец.
Последниве години многу аеродроми низ светот воведуваат технологија за препознавање на лицето за да им заштедат време на патниците. Меѓутоа, скенерот во Дубаи е поврзан со државната база на податоци за препознавање лица, па така целосно се елиминира потребата од носење документи за идентификација.
Меѓутоа, експертите се загрижени за приватноста на патниците поради користењето на оваа технологија. Земјата често е цел на критики за следење новинари и активисти за човекови права, како и за поставување многу камери на јавните места. Кога станува збор за податоците што се собираат со користењето на скенерот на аеродромот во Дубаи, авионската агенција „Емирати“, која е во сопственост на државата, ги чува податоците колку што е потребно и тие може да се процесираат во други системи на агенцијата.
Од друга страна, Канцеларијата за миграција на Дубаи тврди дека личните податоци на патниците се целосно заштитени и до нив не може да стигнат трети страни. Сепак, експертите велат дека треба да се откријат повеќе информации за чувањето и користењето на податоците.
Скенирањето на ирисот стана популарно минатите години бидејќи се смета за попрецизно од користењето камери за препознавање лице. Обединетите Арапски Емирати ги користат и двете технологии, а премиерот Шеик Мухамед бин Рашид Ал Мактум минатиот месец најавил дека земјата ќе тестира нова технологија за препознавање на лице која би се користела и за услуги во приватниот сектор.
За време на пандемијата во Дубаи биле искористени повеќе технолошки алатки за борба против коронавирусот, како термални камери и скенери за лице со кои се проверува дали лицата носат маски и се мери нивната температура.
Автор: Изабел Дебре
Извор:
apnews.com