X
 27.08.2019 Технологија

Меѓународната вселенска станица сега има подобар интернет од нас

Во дигиталната ера поврзаноста и широчината на опсегот се важни, дури и ако се наоѓате во ниската орбита на Земјата. А кога спроведувате истражувања и експерименти што можат да помогнат да се отвори патот за идните мисии на Месечината, Марс и други дестинации во длабочината на просторот, тоа е од големо значење.

Затоа НАСА неодамна ја надгради интернет-врската на Меѓународната вселенска станица, ефективно удвојувајќи ја стапката со која може да испраќа и да прима податоци.

Без оглед на тоа дали станува збор за мисии во ниската орбита на Земјата или сè до надворешниот дел од Сончевиот Систем, брзите и ефективни комуникации се апсолутно суштински за да се обезбеди податоците од мисијата да стигнат до контролните центри и до научниците на Земјата.

Со новата надградба Меѓународната вселенска станица има 600 мегабити во секунда, удвојувајќи ја количината на податоци што станицата може да ги пренесува и прима во кое било време.

- Комуникациските мрежи на НАСА имаат клучна улога во секоја мисија на НАСА, овозможувајќи им на податоците од мисиите за истражување на вселената да стигнат до Земјата, во корист на човештвото. Ова зголемување ја потенцира нашата посветеност да се обезбедат висококвалитетни оперативни услуги за истражувачките мисии на НАСА, денес и во иднина - изјави Џорџ Мороу, директор на центарот за вселенски летови „Годард“, на НАСА.

Уште од почетокот на работата во 2000 година Меѓународната вселенска станица им обезбеди на астронаутите и научниците уникатно опкружување во кое спроведуваат истражувања што инаку не би биле можни на Земјата. Ова истражување обезбедува увид во ефектите од долгиот вселенски лет врз човечкото тело и другите организми, и овозможува технологијата да се тестира во микрогравитацијата.

Овие експерименти и технолошки демонстрации се потпираат на високи стапки на трансфер на податоци меѓу станицата и истражувачите на Земјата. Со неодамнешната надградба станицата ќе може да прави нови експерименти и технолошки демонстрации што бараат подетални податоци со поголема резолуција.

Податоците одат преку серија копнени антени наречени вселенска мрежа и систем на сателити за следење и пренесување на податоците.

Овие сателити се поставени во висока орбита над разни стратешки локации за да можат да ги пренесат податоците на Земјата, што потоа се испраќаат до разни центри на НАСА, користејќи фиксни линии каде што се толкуваат. Целиот процес има задоцнување помало од секунда.

Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија