X
 10.04.2019 Живот

Брутална сцена со моржови ги шокира гледачите

Климатските промени го преобликуваат природниот свет бидејќи зголемените температури предизвикуваат топење на поларниот мраз, а некои од животните потешко се приспособуваат на новото опкружување.

Тажната сцена од документарецот на Дејвид Атенбороу на „Нетфликс“ наречен „Нашата планета“ ги шокира гледачите. Се случува во Беринговиот Проток, кој ја одделува Русија од Алјаска малку појужно од арктичкиот круг.

Снимателите тука забележале група пацифички моржови кои се впуштиле во крајно необично однесување. Според творците на серијата, нивните природни ледени живеалишта се намалуваат, па моржовите се присилени да излегуваат на копно, каде што можат да биде опасно за нив.

Некои моржови се качуваат или се спуштаат по карпи, што е невообичаено за животни кои можат да тежат до два тони. Во своите несмасни и очајнички обиди да се вратат во водата, некои паѓаат од работ на карпата. Згрозените режисери гледале како животните се одбиваат од острите камења, а голем дел од нив умираат поради ударите или паѓаат над другите моржови.

Бидејќи исчезнува нивното омилено живеалиште, ваквите сцени се сè почести, предупредува Светскиот фонд за природа. Обично моржовите се собираат во помали групи и лежат на мразот.

Дури и продуцентката на серијата, Софи Ланфер, била вџашена од тоа што го видела.

- Сцените со моржовите се најтешкото нешто што го имам видено во мојата кариера - изјави таа.

Кога избирала локација за снимање, знаела што да очекува, но не била подготвена на толкави размери на смрт.



- Група од шест или седум моржови успешно се спуштија на сигурно, па славевме. Но, повеќето не успеваат - вели таа.

Творците на серијата заедно со Фондот за светскиот див свет и група научници се обидуваат да прикажат како различните климатски промени влијаат врз различен екосистем низ светот. Некои критичари ја довеле во прашање врската помеѓу ужасната сцена и климатските промени и тврдат дека заканата од поларните мечки ги натерало моржовите да паѓаат. Сцена снимена во 2017 година покажува како стотици моржови паднале од карпите и умреле откако се исплашиле од поларните мечки на рускиот Арктик.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот