X
 19.01.2023 Наука

Потребни се „детективи за моржови“

Се бараат „детективи за моржови“ со цел да се помогне во спасувањето на овие животни од последиците на климатските промени. Светскиот фонд за природа и Британското антарктичко истражување бараат волонтери за броење моржови на сателитски фотографии направени од вселената.

Станува збор за проект чија цел е да направи попис на населението на моржовите во Атлантскиот Океан и во Лаптевското Море. Пописот треба да им помогне на научниците подобро да ги разберат условите за живот на моржовите. Арктикот се загрева трипати побрзо од просекот во целиот свет, а ова влијае врз моржовите бидејќи се намалува големината на мразот во водата каде што живеат овие животни.

- Моржовите се клучен вид во арктичкиот морски екосистем и се од огромно значење за населението на Арктикот. Но тие стануваат сѐ поранливи поради последиците од климатските промени. Тие навистина живеат на фронтот против климатската криза - изјавил Род Дауни од Светскиот фонд за природа.

Со проектот, научниците се надеваат дека ќе разберат како моржовите реагираат на климатската криза во моментов и како би се адаптирале во иднина. Досега околу 11.000 луѓе низ светот станале „детективи за моржови“, а биле прегледани околу 1,5 милион сателитски фотографии.

Во втората фаза, која почнува сега, се бара помош од јавноста да ги препознава единките на фотографиите. За да учествувате во проектот, пријавете се на овој линк.

Извор: Mashable
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука