X
 20.06.2024 Култура

Генерацијата З не знае доволно за холокаустот и нацистите. „Нетфликс“ сака да го промени тоа

И покрај безбројните документарни филмови, филмови, емисии и книги за Втората светска војна, дури 63 отсто од американските милениумци и генерацијата З не знаат дека 6 милиони Евреи биле убиени во холокаустот, според истражувањето спроведено од Конференцијата за еврејски материјални барања против Германијаа. Исто така, истражувањето покажа дека 48 отсто не можат да именуваат ниту еден концентрационен логор, а „Нетфликс“ се надева дека тоа ќе го промени со новиот документарец.

„Хитлер и нацистите: Злото на судење“ е амбициозен нов документарен филм за Втората светска војна, кој е наменет за помладата публика, а низ шест епизоди го следи доаѓањето на Адолф Хитлер на власт и главните пресвртници на Втората светска војна. Документарецот опфаќа познат терен, а неговата цел е да ја раскаже приказната за Втората светска војна на нов, интересен начин за помладата публика.

На пример, заедно со интервјуа со академици и архивски снимки типични за документарците од Втората светска војна, прикажува актери кои ги пресоздаваат клучните моменти од историјата на војната, давајќи му на гледачот чувство дека гледа нем филм.

Личната историја на Хитлер открива некој кој сакал да биде познат уште од мали нозе. Роден во Австрија, сонувал да стане познат уметник. Но, тој бил одбиен од врвниот виенски институт за ликовни уметности бидејќи можел да слика само пејзажи, а не бил многу добар во сликањето луѓе.

„Изопаченост на моралните приоритети“


Додека живеел во засолниште за момчиња неколку години, тој продавал слики копирани од разгледници.

- Неговиот светоглед бил обликуван со обвинување на други луѓе за неговата несреќа и со неконтролираниот антисемитизам што постоел во Виена во тоа време - вели режисерот Џо Берлингер, кој го режираше документарецот.

Во втората епизода, актерите ја реконструираат опсесијата на младиот Хитлер со неговата внука Гели Рабел во раните 30-ти. Младиот нацистички водач сакал таа да стане одлична оперска пејачка, па ѝ ги плаќал часовите по пеење, па дури и живееле заедно во Минхен, што предизвикало гласини во локалниот печат дека се во врска. Но, таа го сметала за премногу доминантен и во 1931 година се застрелала со пиштолот на Хитлер во неговиот стан. Скандалот бил во сите весници, но тоа не влијаело врз популарноста на Хитлер.

Петтата епизода од документарната серија го истражува клучниот момент кога нацистичките водачи почнале да градат логори за истребување. Полицајците убивале Евреи, а многумина пиеле многу за да се справат со тоа. Според историчарот на Универзитетот во Бостон, Девин Пендас, нацистичките водачи барале поефикасен начин за масовно убивање на Евреите за да ја заштитат благосостојбата на офицерите.

- Ова ја покажува изопаченоста на моралните приоритети што ги имале нацистите. Тие признаваат дека ова е емоционално трауматично, но само за убијците - вели Пендас во серијата. 

Нацистичките водачи ги финализирале плановите за масовно истребување на еврејското население на Ванзи-конференцијат на 20 јануари 1942 година во Берлин, а планот станал познат како „конечното решение“.

Предупредување до новите генерации

Епизодата потоа покажува како „конечното решение“ останало во голема мера непознато за пошироката јавност сè додека не биле прикажани снимките од злосторството за време на Нирнбершкиот процес (1945-1946), меѓународно судење свикано по Втората светска војна за да се изведат нацистичките водачи пред лицето на правдата.

Обвинителите покажале снимки од мртвите тела снимени од врвни филмаџии од тоа време, Роман Кармен, Џон Форд и Бад Шулберг.

Берлингер се надева дека документарната серија ќе им покаже на помладите гледачи ширум светот дека демократијата е кревка и ќе им помогне подобро да ги забележат авторитарците во владите. Низ историјата и ужасите на холокаустот, пропаганда и дехуманизација - предупредувањето до новите генерации е дека нормалните луѓе можат да прават ужасни работи.



Извор: Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура