Италијански научници откриле гени отпорни на антибиотици во Средоземното Море, Атлантскиот, Арктичкиот и други океански региони, при што повисоки концентрации биле забележани во близина на фреквентни поморски маршрути и густо населени крајбрежни подрачја.
Ова се наведува во истражување претставено на форумот за океаните и здравјето на луѓето во Рим.
Според резултатите од анализата на примероци од морска вода од различни делови на светот, океаните функционираат како глобален резервоар на загадување кое потекнува од копното и на тој начин пренесуваат генетски траги од употреба на антибиотици.
- Заштитата на човековото здравје денес неизбежно подразбира и грижа за морињата и океаните - вели генералниот директор на Италијанскиот институт за здравје.
Исто така, истражувањето открило големи количини микропластика, таканаречени „вечни хемикалии“ ПФАС и траги од генетски материјал на САРС-Ков-2, дури и во отворените океани и оддалечените подрачја.
Проектот „Си кер“, предводен од Италија, обединил претставници на институции како Италијанскиот институт за здравје, италијанската морнарица и меѓународни истражувачки центри со цел да се создаде глобален систем за следење на состојбата во океаните, користејќи поморски маршрути и научни мрежи за собирање примероци во текот на редовни мисии.
Досега биле собрани повеќе од 4.000 примероци морска вода на повеќе од 140 локации во Средоземното Море, Атлантскиот, Тихиот, Арктичкиот и Индискиот Океан.
Научниците истакнуваат дека проектот покажува дека океаните можат да служат како систем за рано предупредување за глобални здравствени ризици, поддржувајќи политики насочени кон борба против загадувањето, климатските промени и новите закани за човековото здравје.
Извор:
021.rs
Фото: Pixabay