НАСА планира повторно да испрати астронаути на Месечината, но овој пат сака тие да останат таму.
Според Џим Бриденстајн, администратор на вселенската агенција, се повикуваат приватните американски компании и индустриски лидери да помогнат во дизајнирањето и развивањето на леталата.
- Како доживотен поддржувач на НАСА, воодушевен сум што повторно можам да зборувам за слетување на луѓето на Месечината. Но, тоа не значи дека ќе го направиме исто како што го направивме пред 50 години. Сакам да бидам јасен - тоа не е нашата визија. Одиме на Месечината со иновативни нови технологии и системи за да истражиме локации на површината многу повеќе отколку што некогаш сме мислеле дека е можно. Овој пат кога ќе стигнеме на Месечината, ќе останеме - изјави Бриденстајн.
Според него, амбициозните планови ќе почнат наредната недела, кога НАСА ќе оствари средба со партнери од приватната индустрија за да дискутира за леталата. Досега
НАСА има склучено договор со девет компании за испраќање нови научни инструменти на површината на Месечината во комерцијални товарни испораки. Крајната цел е да се развијат летала што би ги однеле астронаутите на површината на Месечината. Се очекува астронаутите да се одат на Месечината во текот на наредната деценија.
- Милијарда луѓе низ светот ќе гледаат како астронаутите создаваат историја кога ќе истражуваат многу повеќе од површината на Месечината, подолг временски период, и ќе ни помогнат да се подготвиме за мисиите на Марс и на другите дестинации - напиша тој.