X
 06.07.2017 Наука

Масивниот вулкан што научниците не можат да го пронајдат

10 октомври 1465 година - денот на долгоочекуваната венчавка на кралот Алфонсо II од Неапол. Алфонсо требало да се ожени со софистицираната Иполита Марија Сфорца, благородничка од Милано, на свечена церемонија. Додека таа влегувала во градот, народот воздивнувал - пред нив се наоѓала убавина, нешто што никогаш претходно не го виделе.

За жал, не била невестата онаа во која гледале, туку гледале горе на небото. Иако било ден, градот потонал во морничава темнина. Почнале да кружат шпекулации - дали тоа било затемнување на Сонцето? Или последица од временските услови?

Ова било само почетокот. Во месеците што следувале европските временски услови станувале сè полоши. Во Германија врнело толку интензивно, што на гробиштата се појавиле труповите од гробовите. Во Торн, Полска, жителите почнале да патуваат низ улиците со брод. Непопустливиот дожд предизвикал поплави во замокот на тевтонските витези, а поради него биле поплавени и голем број села.

Четири години подоцна Европа била погодена од мини ледена доба. Дрвјата не успеале да пуштат цвет, тревата не растела. Во Болоња, Италија, силниот снег го принудил локалното население да патува по замрзнатите водни патишта.

Она што гостите на свадбата на Алфонсо го виделе било далеку поизвонредно отколку што си замислувале. Илјадници километри оддалечен, во тропските предели, џиновски вулкан создал геолошка историја. Ова било толку голема ерупција, што создала облак од пепел кој ја опфатил Земјата и предизвикал студено време што траело со векови.

Самата експлозија се слушнала во радиус од 2,000 километри. Таа создала цунами кое предизвикало уништување на стотици километри. Во однос на обемот, тој ја надминал дури и ерупцијата на Тамбора од 1815 година, која ослободила енергија со еквивалент на 2,2 милиона атомски бомби „Little Boy“ и убил најмалку 70.000 луѓе. Траги од ерупција биле пронајдени од Антарктикот до Гренланд.

Работата е во тоа што научниците не можат да го најдат вулканот што го предизвикал сето ова. Што се случува?

Дека непознатата ерупција се случила, тоа е вистина; како и повеќето мегаерупции, и оваа испарила големи количини на карпи богати со сулфур.

Воспоставувањето на постоењето на ерупцијата е лесниот дел. Она што научниците не го знаат е сè останато. Ова е вистинска геолошка мистерија, нешто што со децении ги ставало геолозите во голема дилема.

Сè започнало со шпекулација и остров во Јужниот Пацифик. Во 50-тите години археолозите што биле во посета на Тонгоа, Вануату, слушнале приказни за древна копнена земја која пред многу време била поврзана со соседниот остров Ели, а била позната како Кувај. Во центарот се наоѓал огромен вулкан. Легендата вели дека еден ден, по неколку силни земјотреси, катаклизмичната ерупција го „скршила“ островот на половина.

Многу луѓе избегале на блиските острови. Повеќето од тие што останале загинале, но еден од преживеаните бил младиот Ти Тонгоа Лисеирики, кој повторно ја населил Тонгоа откако ерупциите прекинале.

Сè што останало од вулканот денес е кратер со длабочина од еден километар, скриен под океанот.

Научниците не знаеле за ерупцијата од 15 век сè до 80-тите години кога откриле зголемена киселост што датирала од тоа време, пронајдена во примероците земени од поларниот мраз.

Раните процени за датумот на ерупцијата се темелеле на бројот на племенските старешини што владееле откако се случила ерупцијата и ја сместуваат во периодот помеѓу 1540 и 1654 година.

Наскоро почнале да се појавуваат и докази од други извори. Јазиците од островите што се наоѓале околу кратерот имаат заеднички корени, што укажува на тоа дека можеби се развиле од истиот дијалект пред стотици години.

Во 1993 година научникот Панг од Лабораторијата на НАСА започнал да истражува. Додека сè уште се во атмосферата, сулфатните аеросоли ја рефлектираат сончевата светлина кон вселената. Затемнетиот ефект од ерупциите може да биде толку моќен, што вештачките „вулкани“ се сметале како средство за борба против климатските промени - така научникот сфатил дека ќе дознае кога точно избувнал вулканот, барајќи период на глобално ладење.

Тој упорно барал докази, истражувајќи ги древните записи за глад, испитувајќи ги рамките на британските портрети што биле создадени од даб за да побара заостанат раст. Така, тој заклучил дека ерупцијата во Кувај се случила во 1453 година - премногу рано за да ја прекине свадбата на Алфонсо, но во вистинско време за да се совпадне со уште една особено смртоносна година.

Во Шведска културите не успевале, а продавниците за жито се празнеле. Низ Европа, дрвјата престанале да растат. Во Кина десетици илјади луѓе се смрзнале до смрт. Неколку месеци подоцна, 40 дена без престан паѓал снег под реката Јанг це, а Жолтото Море се замрзнало до 20 километри од брегот. Од другата страна на светот, Астеците се соочиле со најголемиот глад во историјата.

Панг бил толку убеден во своето истражување, што предложил и точен датум на ерупцијата - 22 мај, кога ерупцијата ја прекинала големата битка во Константинопол. Големиот „оган“ што бил поставен од турските напаѓачи всушност бил само одраз на пепелта во самракот.

И друг тим на истражувачи го поставил својот датум - помеѓу 1420 и 1430 година. За жал, неговото истражување било погрешно. По една деценија, едно француско истражување за ерупцијата на Кувај довело тим на научници назад на островот околу кратерот.

Предводени од Кароли Немет, научник за животна средина од Универзитетот „Масеј“ во Нов Зеланд, тимот на научници барал знаци на експлозивна ерупција способна да ја смени глобалната клима. Но, не успеал да најде.

„Точно е дека постојат вулкански депозити, но нивниот степен не е толку голем каков што би бил при масовна ерупција“, вели Кароли.

Всушност, доказите покажуваат дека вулканот бил релативно мал, не повеќе од 1,000 метри висок, што е помалку од една четвртина од височината на Тамбора пред да избувне. Немет заклучил дека наместо да се распадне во една масивна експлозија, вулканот еруптирал неколку пати, во многу помал размер.

Потоа, во 2012 година, јадрото на мразот од Антарктикот открило големо изненадување. Примерокот бил извлечен од локалитет познат како Ло Доум, познат по своите невообичаено високи снежни врнежи. Тука, тимот ги создавал најточните записи за секоја голема вулканска ерупција во последниве 2,000 години.

Тој открил дека скокот од 15 век во записот не бил предизвикан од една ерупција, туку од две. Покрај тоа, најраната од нив била во 1458 година, многу подоцна од ерупцијата во Кувај. Една година подоцна уште едно истражување ги потврдило ваквите резултати.

Како научниците толку згрешиле?

Сè се сведува на начинот на кој бил поставен датумот на ледените јадра. Тие не можеле да обезбедат точен датум, само низа од годишни настани, еден по друг. За да се процени кога се случил настанот со непознатата ерупција, замрзнатиот запис е калибриран со историски информации, како што е тој со климатскиот хаос во 1453 година.

„Ова е еден вид кружен аргумент. Се сметало дека ерупцијата се случила во 1453 година бидејќи тогаш планетата се ладела. Исто така, се сметало дека ерупцијата на Кувај се случила во тој период“, вели Немет.

На крај, единствениот доказ што ги поврзува трите е посреден. „Сето тоа зависи од погрешното толкување на историските информации“, вели Мартин Баух, историчар од Универзитетот  во Лајпциг во Германија, кој ги истражувал доказите за глобалниот настан на ладење во 1465 година.

Кога доказите за непознатата ерупција биле откриени во ледените јадра, луѓето очекувале да пронајдат место каде што би била потврдена ерупцијата. Така, тие што го истражувале Кувај едноставно ги поврзале точките.

Но ако ерупциите не се случиле во Кувај, каде се случиле?

Со цел да имаат вистински глобален ефект, ерупциите би требало да се случиле во тропските предели. Причината поради тоа е што над тропските предели зголемувањето на воздухот може да го привлече вулканскиот облак повисоко во атмосферата, каде што седи повеќе години. Исто така, овие остатоци најверојатно се прошириле во поширока област, со оглед на тоа што високите ветрови имаат тенденција да го повлекуваат воздухот од екваторот до половите.

„Ако погледнете на мапата, ќе забележите дека тоа е огромна област. Станува збор за стотици вулкани во регионот на Пацификот и подалеку“, вели Немет. Другите научници сугерираат да се погледнат и лаковите на островот, вклучувајќи ги и пооддалечените делови од Индонезија, Меленезија, Полинезија и Микронезија.

Поради очигледни причини, виновниците најверојатно исчезнале под вода. Но, мистеријата на ерупциите од 15 век сè уште не е завршена.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука