Оние што ќе студираат на ХЕФ инвестираат во стекнување знаења кои сигурно ќе ги променат нивните животи, бидејќи се решаваат за справување со современите предизвици од областа на животната средина и обезбедување иднина не само за својата, туку и за следните генерации. Токму затоа, на ХЕФ се стремиме кон обезбедување современи методи и техники во процесот на формирањето стручни кадри, идни инженери, еколози, хортикултуристи, вели доц. д-р Михајло Ристески од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“
Тимот на Факултети.мк во пресрет на уписите на факултетите споделува информативни текстови за факултетите со цел да им помогнат на студентите при изборот на нивната идна професија. Со доц. д-р Михајло Ристески, продекан за настава на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ (ХЕФ), разговаравме за можностите и насоките што ги нуди Шумарскиот факултет.
Низ својата повеќе од 70-годишна историја, Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ (ХЕФ) е во постојана еволуција и промени и се приспособува кон актуелни општествени, технолошки, наставно-образовни, научни и други услови и аспекти, важни за наставно-научната установа. Преку постојаните поситни, а повремено и преку суштински промени во наставните содржини, активно се приспособува и го насочува фокусот кон зачувувањето, заштитата и унапредувањето на шумите, како еден од предусловите за генерално зачувување на биодиверзитетот.
Доц. д-р Михајло Ристески
Главниот фокус е управувањето со шумите
Последната поголема промена на ХЕФ се случи во 2012 година кога освен осовременување на постојните насоки Шумарство и Пејзажно дизајнирање, беше воведена и насоката Екоинженеринг и екоменаџмент.
- Денес ХЕФ, преку образување стручни кадри, преку реализација на научни истражувања и апликативни проекти, е една од клучните алки на шумарството во РС Македонија, но и во сродните области поврзани со хортикултурата и со еколошките науки генерално.
Во студиската програма Шумарство, главниот фокус на студиите е посветен на управувањето со шумите. Во минатото шумите и шумското земјиште биле перципирани најмногу од ограничен, финансиски аспект од страна на општеството. Тие и денес, и на глобално ниво, се значаен ресурс за економијата на земји и региони, но веќе е напуштен пристапот според кој шумите се сведуваат само на финансиски критериум. Освен како на ресурс кој дава материјални добра, во прв ред дрво и други шумски производи (лековити растенија, делови од растенија, печурки, плодови и сл.), модерното шумарство и современите општества на шумите гледаат како на фрагилен систем со многу поголеми еколошки и социјални вредности, кои и самите имаат свои финансиски вредности - истакнува Михајло Ристески.
Како што дополнува тој, многубројните други корисни функции за општеството се: многустрана заштитна функција, особено во поглед на заштита на биодиверзитетот и запирање на ерозијата; позитивно влијание врз климата и врз режимот на водите; производство на кислород и прочистување на воздухот; подобрување на квалитетот на животната средина; врзувањето на јаглеродниот диоксид како еден од гасовите кои придонесуваат за ефектот на стаклена градина; одморот и рекреацијата на луѓето, итн.
Создаваат кадри кои ќе станат дел од стопанството
Цел на студиската програма Шумарство е оспособување кадри за сите активности во врска со подигнувањето, одгледувањето, заштитата, користењето на шумите, инвентаризација и планирање на стопанисувањето со шумите, планирање и имплементација на ловното стопанство.
- Студиска програма Шумарство ги вклучува најважните аспекти на шумарството, т.е. познавање на шумската растителност и фитоценозите, облагородување на шумските видови дрвја, семенарство, расадничарство и пошумување, одгледување на шумите, мелиорација на деградирани шуми и шикари, механизација во шумарството, користење на шумите (дрвни и недрвни продукти), планирање дотур и транспорт, проектирање и градење шумски патишта, проектирање и градење други градежни објекти во шума, заштита на шумите, управување со шумски пожари, одгледување дивеч и ловно стопанство, економика и организација на шумарството и шумските претпријатија, премер на шумите и инвентаризација, планирање на управувањето со шумите, менаџмент и бизнис во врска со шумски продукти - истакнува Ристески.
Со студиската програма Шумарство се создаваат кадри кои по дипломирањето ќе можат да станат дел од стопанството, администрацијата и образованието како: државна и локална администрација, јавни претпријатија, образование и наука – средни стручни училишта, невладин сектор – противпожарен сојуз, НВО и од областа на шумарството, унапредувањето на животната средина и заштита на природните ресурси, приватен сектор – фирми за планирање во шумарството, инженерски фирми, претпријатија за користење на шумите, ловностопански субјекти, шумски расадници и др.
Решавање на задачите од проблематиката пејзажна архитектура
Современите градови наметнуваат нови трендови во обликувањето и уредувањето на зелените површини од сите категории, со што се отвора простор за оформување квалитетен кадар кој ќе се зафати со решавање на задачите од проблематиката пејзажна архитектура.
- Во студиската програма Пејзажна архитектура се изучуваат основните принципи и елементи потребни за успешно спојување на функционалното со естетското во конципирањето и креирањето градини од најразлични типови и формати. Процесот на пејзажно дизајнирање се изучува во детали и вклучува не само принципи и техники во дизајнирањето, туку се изучуваат и главните физиолошки, морфолошки, естетски и еколошки карактеристики на растенијата, кои се основен материјал за создавање градини. Освен тоа, студентите се едуцираат за комбинирањето на повеќе компоненти (растителност, релјеф, вода и архитектура), и истовремено хармонично да ги сплотат уметноста и науката при реализацијата на своите хортикултурни проекти - дополнува Ристески.
Целта на оваа студиска програма е создавање профил за професијата инженер по пејзажна архитектура во согласност со потребите на современото стопанство и врз основа на утврдените критериуми за квалитет на наставата на рамниште на Универзитетот.
- Студиската програма Пејзажна архитектура овозможува создавање кадри кои по дипломирањето ќе станат дел од стопанството, пред сè, во рамките на јавните комунални претпријатија кои учествуваат во одржувањето на урбаното зеленило. Истовремено, дипломираните инженери од оваа студиска програма ќе можат да бидат вклучени во јавната администрација чии функции се поврзани со урбаното зеленило, потоа во образованието и науката, но и во консултантски, проектантски и производни компании кои се занимаваат со сите аспекти на урбаното зеленило, почнувајќи од расадници, преку проектирање, изведба и одржување на подигнатото декоративно зеленило и слично - ни споделува Ристески.
Екоинженеринг и екоменаџмент за холистички приод кон шумите
Дел од понудата на Шумарскиот факултет е и студиската програма Екоинженеринг и екоменаџмент, која во поголема мера е посветена на холистички приод кон шумите и кон пејзажот воопшто.
- Современите трендови и новите инженерски пристапи и технологии во заштитата на природата и животната средина, пред сѐ, во заштитата на почвата и водата, оптималното користење на просторните ресурси, како и менаџментот со заштитените подрачја (од разни аспекти: заштита на природата, заштита на водните екосистеми итн.) налагаат создавање соодветен кадар кој ќе подговори на овие предизвици. Новите трендови, директиви на ЕУ како и технички сознанија од областа доведуваат и ја наметнуваат потребата истите да се вклопат во наставните програми. Само на таков начин студентите ќе се здобиваат со нови, современи знаења кои би можеле да ги применат во научноистражувачките, апликативните и едукативните процеси врзани со нивното професионално ангажирање. Екологијата и заштитата на животната средина е многу широка и мултидисциплинарна област. Оваа студиска програма вклучува голем дел од оваа област со тоа што осврт е даден на некои биотехнички, инженерски, планерски и управувачки аспекти - детални ни објаснува Ристески.
Оваа студиска програма овозможува едукација на кадри кои ќе бидат оспособени за: познавање на медиумите на животната средина (почва, вода), познавање на органскиот свет (флора, фауна), познавање на биодиверзитетот, климатските промени и деградацијата на земјиштето и опустинувањето...
- Основна цел на студиската програма е оспособување на кандидати за анализа и решавање проблеми во врска со природните ресурси (земјиште, вода, вегетација, флора, фауна). Од една страна, посебно значење се дава на еколошкиот инженеринг, т.е. планирање, проектирање и изведба на инженерски проекти во врска со земјиштето и водата (заштита од ерозија, регулација на порои, управување со ризици од непогоди). Од друга страна, кандидатите ќе бидат обучени за активности (планирање, организирање, извршување, мониторинг на природните ресурси) во врска со заштитени подрачја и зони од различен аспект, како и со шуми со заштитна намена. Студиската програма е конципирана на начин кој овозможува стекнување знаења и компетенции неопходни за дипломиран инженер од оваа област кои ќе претставуваат основа за понатамошно образование и следење на најновите сознанија во областа на екоинженерингот и екоменаџментот. Истовремено, дипломираните инженери од оваа студиска програма ќе бидат подготвени да одговорат на барањата на субјектите кои управуваат со заштитени подрачја. Исто така, цел на оваа студиска програма е создавање инженери кои се компетентни за претприемаштво и рурален развој во планински подрачја - посочува Ристески.
Дипломираните инженери по Екоинженеринг и екоменаџмент ќе можат да станат дел од стопанството, но и во јавните институции кои се надлежни за управување со заштитени и заштитни подрачја. Истовремено, дипломираните инженери од оваа студиска програма ќе можат да бидат вклучени во јавната администрација во врска со заштитата на природата и животната средина и планирањето на предели и простори.
- Оние што ќе студираат на ХЕФ инвестираат во стекнување знаења кои сигурно ќе ги променат нивните животи, бидејќи се решаваат за справување со современите предизвици од областа на животната средина и обезбедување иднина не само за својата, туку и за следните генерации. Токму затоа, на ХЕФ се стремиме кон обезбедување современи методи и техники во процесот на формирањето стручни кадри, идни инженери, еколози, хортикултуристи. Но, преку образовниот процес не тежнееме само кон стручно усовршување на студентите, туку и да станат вљубеници во својата професија. Единствено такви, стручни, посветени и агилни експерти, ќе можат да се справуваат со многубројните предизвици во нашата струка, или поточно кажано, група струки. Имајќи ги предвид глобалните климатски промени и веќе катастрофалните негативни појави поврзани со нив, одржливото шумарство, и на глобално и на локално ниво, е една од ретките преостанати алатки со кои современиот човек може да се справува со нив - вели Ристески.
Фото: приватна архива