X
 03.07.2023 Наша тема

„Ги предизвикувам студентите да го надминат мојот просек и да помогнат да ја заштитиме животната средина“, вели Ники Петрески, кој има највисок успех на Шумарски од основањето досега

Тој е еден од 12. најуспешни дипломирани инженери што годинава го добија признанието „Инженерски прстен“, кое го доделува претседателот на државава.

Шумарството не претставува сечење дрвја за економски потреби. Тоа е основата за заштита на животната средина. Порака до сите млади е да се грижат за околината во која живеат. А за тие што имаат желба да ја запознаат подобро природата и сакаат да придонесат за нејзина заштита, им препорачувам да го одберат Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“. Воедно, ги предизвикувам идните студенти да го надминат мојот просек и да помогнат да ја заштитиме животната средина, порача Ники Петрески, дипломиран инженер по екоинженеринг и екоменаџмент со просек 9,80, што е највисок од постоењето на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Љубовта кон природата - водилка во студирањето

Водилка во неговото студирање беше љубовта кон природата и љубопитноста да научи што повеќе за неа. Со внимателно следење на предавањата и логичко сфаќање, лесно ги совладувал материјалите и наоѓал задоволство и среќа во тоа што го учел. Честите теренски посети многу му помогнале да дојде до стекнатото знаење. Вели дека исто како во природата, така и во студирањето има убави и тешки моменти. Но, тешките нѐ прават посилни и не би бил денес личноста која е без нив.



- Оценката не е мерило само на знаењето, таа е мерило на повеќе работи. Вложениот труд, навременото извршување на задачите, посветеноста кон студиите, вниманието и активноста на предавањата и сите други активности се дел од оценката. Бидејќи уште на почетокот успеав да добијам десетки, понатаму си задавав притисок за секој предмет да се обидам да ја добијам највисоката оценка. Оценките ми претставуваа лична сатисфакција и по одреден период станаа нормална работа. Се трудев секогаш да дадам максимум и целосно да го совладам материјалот, а кога ќе се постигне тоа, професорите знаат да го препознаат и да го оценат со највисока оценка. Знаењето што го стекнав е најважно бидејќи тоа може да ги направи промените што сакам да ги направам, а оценките се само помошна алатка да биде препознаен мојот потенцијал - вели Петрески.

Љубов, труд и поддршка - фактори за висок просек

Нескржаво признава дека за неговиот успех голема заслуга имаат и професорите, кои несебично ги споделувале своите искуства и знаења со него и секогаш биле достапни за комуникација во текот на студиите. Упатува најголема благодарност до проф. д-р Иван Блинков, кој го препознал неговиот потенцијал и постојано го мотивирал да постигнува повисоки оценки.



- Љубов, труд и поддршка се главните фактори за висок просек. Најважно е да го сакате тоа што го студирате бидејќи само така може да бидете најдобри. Секако, без вложен труд и поддршка од најблиските тоа не е доволно и затоа сум му бескрајно благодарен и на моето семејство за сета љубов и помош што ја добивав - додава младиот екоинженер.

Фудбалот му помогна да биде добро организиран и исполнителен

И покрај посветеноста на студентските обврски, не се откажал од својата голема љубов кон фудбалот.

- Многу го сакам спортот и додека студирав, паралелно тренирав фудбал. Тоа ме мотивираше да бидам добро организиран, одговорен и исполнителен во тоа што го правам. Моето мото е дека мора да има рамнотежа во секојдневието и во животот исто како што мора да има рамнотежа во секој екосистем за да функционира добро - вели дипломецот.



Токму признанието „Инженерски прстен“ за него е симбол на вложениот труд, круна на добиеното знаење и поттик за понатамошно вложување во образованието и постигнување уште поголеми успеси кои ќе придонесат за подобро општество и поздрава животна средина.

- Како млад екоинженер, сакам да наоѓам решенија на проблемите со кои се соочува животната средина. Потребно е што повеќе луѓе да разберат од какво значење е заштитата на животната средина, но и како тоа да се направи на соодветен начин. Сведок сум на случаи каде што луѓе со намера да ја подобрат животната средина, поради нестручност, го прават спротивното. Затоа е потребно да се побараат совети од стручни лица и со комбинација на традиционални и иновативни решенија да се заштити животната средина - вели Петрески.

Работи во струката, а се запиша и на постдипломски студии

Веднаш по дипломирањето се вработи во „Г-Консалт“ ДООЕЛ Скопје, приватна фирма за консултанство за животната средина. Истовремено се запиша и на постдипломски студии на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, на насоката озеленување и унапредување на животната средина. Планира да го доградува знаењето преку дообразување и стекнување работно искуство за да помогне да се подобри животната средина во Македонија и пошироко.



- Во нашата држава лесно се препознаваат квалитетните студенти, но, за жал, тие не се соодветно вреднувани. Ретко квалитетните студенти имаат можност да се вработат по својата струка по завршувањето на студиите. Јас ја имам таа среќа да бидам вработен во фирма која ги вреднува моите квалитети и ми овозможува понатамошен развој, а се надевам дека и многу успешни студенти ќе ја имаат таа можност - вели Петрески.
 
Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема