Ејч-би-о во текот на последните неколку децении се истакна со многу добри серии, но дури и најуспешните наслови можат да имаат епизоди кои гледачите и критичарите ги сметаат за послаби. Сепак, некои серии успеаја да задржат исклучително високо ниво на квалитет од почетокот до крајот. Критичарите од „Колајдер“ издвоија пет серии кои можат да се пофалат со речиси беспрекорна низа на епизоди.
„Чернобил“
Мини-серијата „Чернобил“ низ пет епизоди ја драматизира нуклеарната катастрофа што се случи во 1986 година и нејзините последици. Приказната ги следи првите реакции по експлозијата, обидите да се спречи уште поголема катастрофа и луѓето што учествуваа во санирањето на последиците, но и настојувањата на советските власти да ги прикријат размерите на несреќата. Серијата комбинира историска драма со елементи на хорор и напнатост, а критичарите посебно ја издвојуваат атмосферата, глумата и способноста големата историска трагедија да се прикаже преку искуствата на поединците.
„Браќа по оружје“
Воената мини-серија „Браќа по оружје“ ги следи припадниците на „Изи компани“, американска падобранска единица, за време на Втората светска војна. Десетте епизоди ја опфаќаат нивната обука, десантот во Нормандија, борбите низ Европа, откривањето на концентрациониот логор и последните денови од војната во Германија. Серијата, чии извршни продуценти се Стивен Спилберг и Том Хенкс, освен на големите воени сцени, големо внимание им посветува и на психолошките последици од војната и односите меѓу војниците, при што одредени епизоди ставаат акцент на различни членови на единицата.
„Останати“
Серијата на авторите Дејмон Линделоф и Том Перота, започнува три години по необјаснивиот настан за време на кој ненадејно исчезнаа два проценти од светската популација. Наместо одговор на прашањето каде исчезнале, приказната првенствено се занимава со луѓето што останале и со начините на кои се справуваат со тагата, траумата и загубата.
Во текот на трите сезони серијата спојува интимна психолошка драма, мистерија, насилство и надреални елементи, а токму развојот на ликовите и истражувањето на последиците од необјаснивата трагедија се меѓу нејзините најистакнати обележја.
„Сопранови“
„Сопранови“ го следи Тони Сопрано (Џејмс Гандолфини), мафијашки шеф од Њу Џерси кој по нападите на паника почнува да оди на терапија. Низ шесте сезони серијата паралелно го следи неговиот криминален живот, семејните проблеми и разговорите со психијатарката, преку кои се откриваат неговите несигурности, стравови и внатрешни конфликти. Серијата на авторот Дејвид Чејс е позната по сложените ликови и спојот на криминалистичка и психолошка драма, а имаше големо влијание врз развојот на телевизиските серии со долги, поврзани приказни и морално комплексни протагонисти.
„Жица“
„Жица“ низ пет сезони ги прикажува криминалот и функционирањето на различните институции во Балтимор. Приказната на почетокот ја следи полициската истрага за трговија со дрога и луѓето вклучени во криминалот, а подоцна се шири на градската политика, образовниот систем, работничката класа и медиумите, покажувајќи како различните делови од градот се меѓусебно поврзани. Серијата ја осмисли поранешниот новинар Дејвид Сајмон, а меѓу клучните соработници беше поранешниот полициски детектив Ед Бернс, чии искуства придонесоа за реалистичниот приказ на институциите и криминалот. Токму широкиот поглед на општеството, сложените ликови и доследното развивање на приказната низ сите пет сезони се причините поради кои „Жица“ и години по завршувањето редовно се вбројува меѓу најценетите телевизиски драми.
Фото: принтскрин/јутјуб