X
 10.12.2018 Култура

Инкубатор - денови на младинска уметничка култура

Програмата „Инкубатор - денови на младинска уметничка култура“ во организација на „Интерарт културниот центар“, чија цел е да придонесе за развој на младинската уметничка сцена во Македонија, од денеска ќе се одвива во Културниот центар „Интерарт“ во Скопје.

Инкубатор-програмата за култура започна со реализација во февруари годинава, со поддршка од Амбасадата на Швајцарија во Македонија. Како платформа за развој на младинската уметничка сцена, „Инкубатор“ овозможува простор млади уметници од целата земја да творат и да продуцираат во три уметнички категории: современ танц, музика и визуелни уметности. Деновите на младинската уметничка култура се реализираат во соработка со Министерството за култура и Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.



Станува збор за отворени работилници кои од денес во наредните два дена ќе се одвиваат во 18 часот на сцената „Зебра“. Работилниците ќе бидат отворени за посетители, а во нив активно учествуваат млади уметници од повеќе градови во Македонија. Во рамките на програмата, во Скопје ќе се изведат две премиери „Волшебен свет“ и „Волшебен свет 2“.

Првата продукција е на Скопје танцовиот театар, со учество на студентите од Катедрата за современ танц при УГД, составена од два дела. Првиот со наслов “trashOUT” е во кореографија и режија на Анастасија Данчевска и Дејан Битровски, а вториот како „Анима“ - драфт на претстава по идеите на Карл Јунг, во кореографија и режија на Рисима Рисимкин и танчарите, музиката е на Тони Китановски, а костимите на Благој Мицевски. Втората продукција, „Волшебен свет 2“, ќе се изведе на 16 декември на сцената на Македонскиот народен театар.

Инкубатор танцовиот карван е планиран низ неколку градови во Македонија, со цел да ја презентира и промовира работата на младите инкубатор-уметници, и тоа во Штип, Прилеп, Валандово и во Тетово на сцените на домовите за култура, но и во неформални простори, со што ќе придонесеме за обезбедување „култура до сите и за сите“. Завршната трибина под наслов „Инкубатор – денови на младинска културна сцена“ ќе се одржи на 20 декември во 18 часот на сцената „Зебра“.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура