X
 10.12.2025 Живот

Како се преживува зимата во градовите каде што мракот трае со месеци?

Како се преживува зимата во градовите каде што мракот трае со месеци? Градот познат како дом на Дедо Мраз е во мрак од почетокот на декември до почетокот на јануари. Еве како луѓето ја преживуваат зимата.

Зимата во Европа подразбира пократки денови, студено време и многу топли пијалаци. Сепак, на крајниот север на Стариот Континент реалноста е сосема поинаква - градовите и населбите со месеци се во мрак, со многу малку светлина. Овој феномен е познат како поларна ноќ. И покрај тоа, луѓето во овие места живеат, работат и функционираат, а ако сте љубители на овој феномен, можете да посетите некои од овие градови.

Тромсо, Норвешка 


Иако речиси нема светлина од средината на ноември до средината на јануари, градот кој понекогаш се нарекува „Париз на северот“ е полн со активности во овој период, и токму на тој начин се бори против мракот.

Фестивалите и концертите се чести во текот на овие месеци, а сето тоа се случува под будното око на поларната светлина. И покрај мракот, жителите се охрабруваат да минуваат што повеќе време на отворено и во дружење, што 80 илјади жители на овој град редовно го прават.

Лонгјарбиен, Норвешка 


Во ова место живеат 2.500 жители и е најнаселено место на архипелагот Свалбард. Тука мракот трае прилично долго, па жителите не гледаат сонце од крајот на октомври до средината на февруари.

Секако, мракот има големо влијание врз секојдневниот живот: децата одат на училиште со ламби на главата, а луѓето носат рефлективни елеци како задолжителен дел од облеката. И тука фокусот е на дружење и активности, а интересно е што ако се движите надвор од градот, препорачливо е да носите пушка поради опасноста од поларни мечки.

Рованиеми, Финска 


Градот познат како домот на Дедо Мраз е во мрак од почетокот на декември до почетокот на јануари. Сепак, овој град, со оглед на тоа што се прочул како место каде што живее Дедо Мраз, многу добро живее од зимскиот туризам, па така во текот на зимата на секој чекор има украси, светилки и слично.

Финците поминуваат многу време во сауни, кои имаат важна социјална улога. Тие уживаат и во зимските спортови и се поттикнува активен живот.

Кируна, Шведска 


Најсеверниот шведски град е дом на 17 илјади жители и оригинално бил изграден поради рудникот со исто име. Тука сонцето не е присутно три недели, но често го заменува поларната светлина.

Исто така, риболовот на мраз, фестивалите и лизгањето им го олеснуваат секојдневието на жителите, а во споредба со другите градови, времето без светлина тука е вистински предизвик.

Извор: Nova.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот