X
 11.02.2022 Наша тема

Македонската жена остава траги во науката, интервју со проф. д-р Христина Спасевска од ФЕИТ по повод Денот на жените во науката

Половина од студентите на природните и техничките науки во Македонија се жени и иако важиме за прва земја во Европа по процент на застапеност на жени во науката, сепак, тоа не е доволно за да кажеме дека постои родова еднаквост. Имено, многу малку жени имаат лидерска улога и можност да создаваат нови политики, вели проф. Спасевска

Низ историјата, жената речиси и да немала можност да гради научна кариера. Но, состојбата полека се менувала. Сега таа е на исто рамниште со колегите мажи, имајќи ги предвид сите предизвици на оваа професија. Токму препознавајќи ја потребата за истакнување на улогата на жените во науката и технологиите, Генералното собрание на Обединетите нации, одржано на 22 декември 2015 година, донело резолуција со која 11 февруари се прогласува за Ден на жените во науката, со цел промовирање целосна и еднаква можност за нивно вклучување во науката.
Вака проф. д-р Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информациски технологии, проректор за настава при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и претседател на Инженерската институција на Македонија, за Факултети.мк ја објаснува улогата на жената во науката во Македонија и каков е предизвикот да се биде научник воопшто.



- Жената научник е на исто рамниште со колегите мажи, имајќи ги предвид сите предизвици на оваа професија. За да се постигне тоа, нејзиниот ангажман е многу, многу поголем, особено што дополнително треба да се рушат табуата за улогата на жената во општеството. Професијата научник бара големи одрекувања, од почеток на кариерата за лично етаблирање, но и потоа кога треба да се изгради тим од млади соработници. Наука не се работи сам, ниту, пак, можете во текот на некое истражување своите мисли да ги оддалечите од неа. Едноставно не постои работно време, науката е деноноќно со вас - вели таа.

Проф. д-р Спасевска е претседател на Метеролошкиот совет при Бирото за метрологија, национален претставник на Форумот на Европскиот совет за иновации и претседавач на меѓународните конференции „Жените во...“
Во последните десет години таа е координатор или учесник на повеќе од 15 меѓународни проекти во програмите ФП7, ЕУРЕКА, Хоризонт 2020, ИПА, ЦОСТ, ИАЕА, ЦЕИ, Светска банка и Министерството за образование и наука.
Во 2019 година е добитник на наградата „13 Ноември“ за остварувања во науката.

Низ историјата жените дале огромен придонес во науката. Колку денешниот современ свет е поинаков и колку интересот на жената за науката денес е поразличен од историскиот?

- Низ историјата се паметат жени кои го промениле светот со своите научни достигнувања, иако во минатото за нив таа била речиси недостапна професија. Тие биле вклучени во истражувачки тимови, особено по деветнаесеттиот век, но многу често се случувало нивните резултати да им бидат препишани на мажите со кои работеле. Денес, во современиот свет на науката и експлозивниот технолошки развој, жената нема објективни пречки да ја избере оваа професија и да биде успешна. На ова укажува и сѐ поголемата вклученост на жените во научноистражувачки тимови кои постигнуваат врвни достигнувања.



Дали македонската наука може да се мери со развојот на науката од земјите од регионот и од Европа и светот?

- Постојат повеќе критериуми по кои се мери развојот на науката во една држава, бројот и факторот на влијание на објавените научни трудови, научноистражувачките проекти, бројот на научници и многу други, но за сите тие критериуми постојат предуслови. Иако кај нас мал број научници навистина постигнуваат врвни резултати на светско ниво, сепак, за да зборуваме за развиена наука, потребно е повеќето од нас да бидат добри. Секако може да се споредуваме со држави кои имаат степен на развој сличен на нашата, но со оние развиените, каде што вложувањата се многу поголеми, едноставно имаме различни предуслови. Тоа е најголемата причина што многу наши млади научници својата кариера ја продолжуваат надвор од земјата, во институции со одлични можности за истражување.

Каков е интересот на младите жени во земјава за студирање природни и технички науки? Имаат ли таквите студии перспектива за една современа жена?

- За разлика од минатото, денес речиси половина од студентите на природни и технички науки се жени. Тоа укажува на нивниот интерес да имаат професии што традиционално се сметале за машки. Новите технологии и дигитализацијата нудат можности за родова еднаквост и перспективи за градење успешна кариера. Жените се подобри студенти и ги завршуваат студиите за пократко време, но потоа, како да се вовлечени во лавиринтот на други ангажмани и амбиции, па многу малку од нив ги достигнуваат највисоките позиции во компаниите.



Што по нивното дипломирање? Наоѓаат ли работа во земјава или како многу други умови, ја напуштаат?


- Интелектуалната миграција е процес што се случува насекаде во светот како резултат на социјални или социолошки промени во општеството, особено изразена кај младите инженери. За нив вратите на компаниите и универзитетите надвор од државата се ширум отворени. Она што треба да биде најзначаен национален предизвик е воведување системски мерки со кои нема да дозволиме тие целосно да ги раскинат врските со Македонија.

Долготрајните предрасуди и родови стереотипи ги насочуваат девојките и жените подалеку од области поврзани со науката. Како да се смени оваа реалност?

- Иако Македонија важи за прва земја во Европа по процент на застапеност на жени во науката, сепак, тоа не е доволно за да кажеме дека постои родова еднаквост. Имено, во науката, како и во другите области, многу малку жени имаат лидерска улога и можност да создаваат нови политики. Постоењето на родовите стереотипи дека професионалниот живот ќе го стави на маргини приватниот, во возраст кога жената станува мајка или брачен партнер, ги обесхрабрува девојките да градат научна кариера. Особено поради тоа што најголемото вложување во оваа професија е токму на таа возраст, кога треба да се докторира и да се оствари постдокторското усовршување. Секако, со истакнувањето добри примери и практики се менува перцепцијата дека науката е сѐ уште машка професија, па се поттикнуваат најдобрите дипломирани студентки да започнат научна кариера.



Еден од главните проблеми за развојот на науката во земјата е недоволното инвестирање во науката. Што, според Вас, треба да се направи за да се овозможи поголем процес на научни вложувања?


- Развојот на науката се темели на вложувањата во неа и ако тоа е запоставувано со години наназад, не може да се очекува дека ситуацијата ќе се поправи за кратко време, колку и да се инвестира. Не само издвојувањето буџетски средства придонесува за зголемување на научните достигнувања во една држава, потребно е многу повеќе. Потребни се долгорочни одржливи политики и строги критериуми за квалитет, што ќе создадат средина во која науката постепено, но сигурно ќе се развива. Македонија е мала земја со ограничени човечки и финансиски капацитети, па единствена можност за докажување како научници е да ги пласираме нашите резултати на меѓународната сцена. Тоа ни овозможува вклучување во големи проектни тимови и искористување средства од меѓународни програми.

Фото: приватна архива
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема