X
 06.01.2018 Образование

Михаил Арсовски, студентот на ФЕИТ кој живее за да иновира

Мојата прва иновација е уред за автоматска контрола на ниво на вода во резервоар. За места каде што редовно имаме проблеми со водоснабдување, да се постави резервоар. Кога ќе има вода, се полни резервоарот, а кога ќе снема вода, да се користи претходно наполнетата вода од резервоарот. Накратко, човековата рака да се замени со електроника, вели Михаил


Михаил Арсовски

Михаил Арсовски е една од големите надежи на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Има повеќепати учествувано на натпревари во животот отколку што има години. Ако неговите врсници размислуваат каде да излезат вечерва, тој размислува што да иновира. За своите трудови освоил многу златни, сребрени и бронзени медали, признанија и благодарници, и во земјава и во регионот. Михаил има 19 години, роден е во Скопје. Основно училиште завршил во „Гоце Делчев“, а матурирал во гимназијата „Јосип Броз-Тито“. Студент е во прва година на ФЕИТ.

Како решивте што ќе студирате? Која беше главната причина да се запишете на ФЕИТ?
- Уште како мал имав афинитети кон науката и техниката, поточно кон физиката, електрониката и електротехниката. ФЕИТ ги отвора вратите за најдобрите студенти и идни електроинженери што се пронаоѓаат себеси во техничките области.


На еден од многуте натпревари

Која насока ја избравте и зошто?
- Ја избрав насоката Енергетика, автоматизација и обновливи извори на енергија – ЕАОИЕ (висока струја), каде што се овозможува работа во сите индустриски гранки, електростопанство (централи и дистрибуција), средни и мали претпријатија, проектантски фирми и претставништва, како и во истражувачки развојни и образовни институции. Исто така, подобрување на старите и пронаоѓање нови извори за добивање електрична енергија преку искористување алтернативни извори (ветер, сонце).

ФЕИТ важи за еден од најтешките факултети во Македонија. Дали тоа Ви беше дополнителен предизвик да се запишете или можеби Ве поколеба?
- ФЕИТ важи за еден од најтешките факултети, од една страна, но, од друга страна, е перспективен факултет. Желбата и љубовта кон техниката ме натераа да се запишам на овој факултет.



Една од главните преокупации Ви се иновациите. Како почна оваа приказна?
- Љубовта кон иновацијата се роди со наједноставни електрични шеми, па сè до комплицирани и практични идеи. Сите со цел да се унапреди постојното решение и да се создаде нешто ново, посовремено.

Која е Вашата прва иновација и што сè досега имате иновирано?
- Мојата прва иновација е уред за автоматска контрола на ниво на вода во резервоар. За места каде што редовно имаме проблеми со водоснабдување, да се постави резервоар. Кога ќе има вода, се полни резервоарот, а кога ќе снема вода, да се користи претходно наполнетата вода од резервоарот. Накратко, човековата рака да се замени со електроника. Втората иновација е уред за мерење време на реакција кај човек. Времето на реакција е важен фактор за безбедноста во сообраќајот или при управување со разни алати и машини каде што е потребно да се реагира брзо, во одреден момент. Трета иновација е уред за управување со гласовни команди. Ова е паметен електронски уред, реализиран со моќен микроконтролор. Со него можеме да ги управуваме уредите со помош на гласот. Тој овозможува да се вклучат и да се исклучат уредите во домаќинството, да се отвораат и да се затвораат вратите, прозорците и сè што нè опкружува. Четврта иновација е уред за автоматско наводнување во земјоделството. Тој овозможува автоматско наводнување на почвата со сензор за мерење на влажност на почвата, со вклучување на доводот на вода и да биде задоволена влажноста на почвата или, пак, кога не сме дома, автоматски да ни се наводнуваат цвеќињата или нивата.



Дали енормно загадениот воздух во Скопје и во другите градови од Македонија Ви е предизвик да иновирате решение за проблемот?
- Загадениот воздух во Скопје може да се исчисти со таканаречени пречистителни станици, кои треба да ги има помасовно во градот Скопје и во другите градови каде што е потребно. Во ургентни ситуации иноватарот доаѓа до различни видови решенија за отстранување на некој проблем.

На што работите во моментот?
- Во моментот работам на подобрување на иновацијата уред за автоматско следење на сонцето и производство на електрична енергија. Оваа иновација е од областа на енергетиката, каде што сончевата енергија се користи со таканаречени фотоќелии (соларни ќелии) или стручно кажано фотоволтаични ќелии.



Што би им препорачале на годинашните матуранти што планираат да се запишат на ФЕИТ?
- Ако има љубов и желба кон тоа што се сака да се постигне во понатамошниот живот, конкретно за техниката и техничките области, вратите на факултетот се секогаш отворени за да ги примат идните студенти - бруцоши. ФЕИТ организира отворени денови на факултетот каде што идните студенти имаат можност директно да се запознаат со можноста за студирање, се запознаваат подетално со студиите и студиските програми, ги разгледуваат просториите, лабораториите и за сите нејасни работи им се објаснува од страна на професорите и асистентите од факултетот, со цел на идните студенти да им се овозможи полесно да се одлучат каде да студираат.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование