Една од најпознатите македонски пејачки на сите времиња, Нина Спирова, почина денеска. Спирова е родена на 26 октомври 1938 година во Прилеп.
Таа има снимено голем број хитови, а незаборавни се нејзините интерпретации на „Бог да бие кој прв почна“, „Пилето ми пее“, „Не си го продавај Кољо чифликот“, „Судбо моја, судбино“, „Зајди, зајди, јасно сонце“, „Кажи, кажи либе Стано“ и многу други. Спирова има снимено над 80 композиции само за музичката продукција на МРТВ, меѓу кои се и хитовите: „Молчи, молчи“, „Езеро мое“, „Далечен крај“, „Пелистерски очи“, „На овој ден“ итн.
Има снимено сингл плочи на српскохрватски јазик, додека забележителен настап имала на фестивалот „Белградска пролет“ („Београдско пролеће“) во 1964 година, со песната „Бела хризантема“.
Еден од најголемите евергрини кои секогаш ќе нè потсетуваат на Нина е хитот „Еден бакнеж“.
Според нејзините почитувачи, но и музичките стручњаци, главен белег има оставено пеејќи ја македонската народна, но и староградската песна. Спирова засекогаш се повлече од естрадната сцена во почетокот на 80-тите години.
Фото:
Wikipedia