Денеска, во 82. година од животот, почина академик Богомил Ѓузел, поет, раскажувач, драмски писател, есеист и редовен член на Македонската академија на науките и уметностите, соопштија од
МАНУ.
Академик Богомил Ѓузел е поет, раскажувач, драмски писател, есеист - припадник на третата повоена генерација македонски писатели, онаа генерација што се појавува во втората половина на педесеттите години на дваесеттиот век и која со своето дејствување ќе изврши пресудно влијание врз процесот на дедогматизацијата и модернизацијата на македонската литература, придонесувајќи за победата на оние сили што се бореа за проширување на хоризонтите на творечките слободи и за внесување на македонската култура во Европа и во светот.
Ѓузел е роден на 9 февруари 1939 година во Чачак, Србија. Дипломирал во 1963 година на Катедрата за англиски јазик и литература на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Во 1963–1964 година работел како ТВ-реализатор во РТВ Скопје. Во 1964/65 година бил на постстудиски престој на Универзитетот во Единбург, како стипендист на Британскиот совет.
По враќањето, од 1966 до 1971 година, работел како драматург во Драмскиот театар, Скопје, потоа од 1971 до 1973 година како програмски директор на Струшките вечери на поезијата. Од 1976 година работи како библиограф во Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, а од 1985 до 1999 година како драматург во Драмскиот теата -, Скопје. Од 1999 година е в.д. директор на Струшките вечери на поезијата, до пензионирањето во март 2004 година.
Во меѓувреме бил секретар на Македонскиот ПЕН-центар (1963–64), секретар на Друштвото на писателите за односи со странство (1970–72) и еден од основачите и прв претседавач на Независните писатели на Македонија (1994), на чиј двомесечник за литература и култура „Наше писмо“ е главен и одговорен уредник од неговото основање во 1995 година.
Учествувал на Интернационалната програма за пишување во Ајова Сити, САД (1972/73) и на меѓународните поетски фестивали во Ротердам (1978 и 1995), Сан Франциско (1980), Херлен (1991), Магар, Израел, (2001), Мастрихт и Валенсија (2002), Берлин (2006), Лодев (2007), Сараево (2008), Загреб (2009), Вилнус (2010), Истанбул (2011).
Творечкиот опус на акад. Богомил Ѓузел опфаќа повеќе од 230 библиографски единици, од кои триесетина се поетски збирки, над 90 единици се објавени песни во антологии, списанија, зборници и сл., 85 единици се преводи на дела од странски автори, 23 единици се прозно творештво, како и редакции и уредништва на антологии, зборници, списанија и сл. За творештвото на акад. Ѓузел се напишани и голем број критики и осврти, како од домашни така и од странски автори.
Акад. Богомил Ѓузел е несомнено наш најзначаен преведувач и препејувач на поезијата од англофонското книжевно подрачје. Високопрофесионалниот однос кон комплексните проблеми што се отвораат при преводот на поетските дела од класиката, совесноста и истенчениот вкус го красат овој дел од творечката дејност на овој автор. Благодарение на неговиот преведувачки ентузијазам, на јазичното мајсторство и на еден навистина студиозен пристап, на македонски јазик, во негов превод, се приопштени најпознатите драмски дела на Вилијам Шекспир (вкупно, осумнаесет). Освен тоа, Ѓузел е преведувач на изборите од поезијата на Т.С. Елиот, В.Х. Одн, Волт Витмен, Е. Дикинсон, Езра Паунд, В.Б.Јејтс, Шејмас Хини и др., а и составувач (заедно со Луис Симпсон и Серж Фошро) и преведувач на една сериозна и откривачка Антологија на современа американска поезија.
Акад. Ѓузел е добитник на најзначајната книжевна награда „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга помеѓу две Струги (двапати) и наградата за преведувачки опус „Кирил Пејчиновиќ”. Исто така, добитник е и на главната награда на Меѓународната писателска средба во Загреб 2002 година.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 4 јуни 2012 година.
По повод смртта на акад. Богомил Ѓузел, Македонската академија на науките и уметностите ќе одржи Комеморативна седница преку видеоконференциска врска со употреба на интернет-комуникација.
Фото: МАНУ