X
 19.09.2017 Култура

Почина човекот што го спаси светот

петров

Станислав Петров, пензионираниот руски воен офицер кој спречил глобална нуклеарна војна пред повеќе од три децении, починал на 77 годишна возраст.

Петров, како полковник на руската армија, бил дежурен офицер на командниот центар ОКО, систем за рано предупредување во случај на американски нуклеарен напад врз Русија.

На 26 септември 1983 година, компјутерскиот систем во бункерот предизвикал тревога поради лансирањето на интерконтинентални проектили - според сателитските податоци, Америка лансирала пет нуклеарни проектили во насока на Москва.

Иако според воениот протокол веднаш требало да се нареди одмазда, Петров се двоумел. Имал чувство дека нешто не е во ред.

„Сè беше подготвено, но не сакав да ги пуштам ракетите. Беше јасно дека тоа ќе значеше крај на светот каков што го знаеме. Решив да почекам. Поминуваа минутите, а компјутерите покажуваа дека американските ракети се сè поблиску до СССР“, изјави Петров во интервју за „Би-би-си“ во 2013 година.

„Не ги информирав моите претпоставени, тие сигурно ќе ми наредеа да ги пуштам ракетите. Во вакви ситуации не можете рационално да анализирате, немате многу време, туку се потпирате на вашиот инстинкт. А тој ми велеше дека нешто не е во ред. Компјутерот покажуваше дека кон нас летаат 5 ракети од само една база и сите одат кон Москва. Помислив дека нападот сигурно нема да биде ограничен само на пет ракети“, раскажува тој.

Во бункерот ОКО операторите ги гледале проектилите како се приближуваат кон главниот град. Останала само една минута, па 30 секунди, 10, 5... И тогаш ништо. Над Москва немало никаква нуклеарна „печурка“. Тревогата била лажна.

Петров дури тогаш го пријавил инцидентот на своите претставени, кои не ја одобриле неговата одлука. Тој го прекршил протоколот и наредбите и бил преместен на помалку одговорна позиција, а за брзо и бил пензиониран.

Коа неговата сопруга го прашала што го предизвикало неговото преместување, тој искрено ѝ одговорил: „Ништо!“.

Деталите од овој инцидент останале воена тајна, а Петров не кажал ниту на неговото семејства. Приказната излегла во јавност во 1998 година, 15 години подоцна.

„Кога луѓето започнаа да ме нарекуваат херој, бев изненаден“, изјави во една прилика Петров.

„Никогаш не се гледав себеси како херој - буквално си ја вршев работата“, додава тој.

Смртта на Станислав Петров помина целосно незабележана. Починал на 19 мај оваа година, а за смртта не известил ниту еден светски медиум. Веста за неговата смрт ја проширил германскиот политички активист Карл Шумахер, кој прв ја споделил приказната за неговото херојство.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура