X
 11.11.2020 Живот

Како да разговарате со тинејџерите и младите за носењето маски

Бројот на возрасни лица во САД што регуларно носат маски е пораснат од минатата пролет – од 78 отсто во април до 89 отсто во јуни, според Американскиот центар за контрола на болести и превенција. Тој неодамна ги објави резултатите од националната анкета за однесувањата на луѓето поврзани со пандемијата, во која биле вклучени повеќе од 2 илјади лица над 18-годишна возраст. Анкетата открила дека младите возрасни (од 18 до 29 години) најмалку носеле маски и најмалку се придржувале кон заштитните мерки.

Живеењето во пандемија е особено тешко за тинејџерите и студентите – а правилата за заштита кои подразбираат покривање на лицето, дистанца и честа хигиена на рацете не помагаат. Во таа животна фаза, младите луѓе сакаат да се собираат и социјализираат, па често за нив е тоа предизвик, но тоа не значи дека треба да се откажеме и да не се обидеме да допреме до младата популација.

Јалда Т. Улс, психолог и директор на центарот за научници при УКЛА, вели:
- Тинејџерите и студентите живеат во моментот и сè уште развиваат вештини за саморегулација. Нивните мозоци сè уште се развиваат и нивниот префронтален кортекс, делот од мозокот кој им помага да размислуваат за иднината, не е целосно развиен. Одговараат на ризиците и се однесуваат различно од возрасните и децата, па со тоа повеќе веруваат дека ризиците не се однесуваат на нив.

- Додека е вистина дека децата и адолесцентите имаат помал ризик од компликации од Ковид-19, тие сепак може да развијат тешка болест, а што е исто така важно – можат и да им го пренесат вирусот на оние што имаат голем ризик од компликации - вели д-р Ендру Јановски, детски инфектолог од школата за медицина при Универзитетот во Вашингтон.

Улс и Јановски споделуваат 5 тактики за разговор со тинејџерите и младите лица за Ковид-19 и начините на кои може да ги поттикнете посериозно да ги сфатат ризиците.

1. Откријте како размислуваат

Пред да пристапите кон тематиката со ризиците од коронавирусот, откријте како размислуваат. Важно е адолесцентите да знаат дека нивниот глас е слушнат, особено кога толку многу аспекти од пандемијата се надвор од контрола. Исто така, од голема помош е да се навлезе во нивната перцепција за тоа како другите се справуваат со пандемијата, вклучително пријателите, соучениците, другите членови на семејството, како и она што го гледаат на социјалните медиуми. Тие информации ќе ви дадат увид во тоа од каде црпат информации и кои се вредностите што ги практикуваат.

2. Обрнете внимание на вестите што ги слушаат и истакнете ги фактите

Тинејџерите и младите лица добиваат информации најмногу од социјални медиуми – а мал процент од тие вести се точни. Ако сте загрижени за физичката дистанца, носењето маски или забавите, од разговорот за моменталните вести може добро да се истакнат фактите, советува Улс. Само не користете го тоа како тактика за исплашување. „Не употребувајте го стравот или децата ќе го минимизираат вашето внимание, туку бидете искрени и користете факти“, вели Улс.

3. Охрабрете ги да земат предвид дека нивните дејства влијаат врз другите


Јановски вели дека возрасните треба да зборуваат со своите тинејџери за тоа како изложеноста на вирусот може да влијае врз тие околу нив. Многу адолесценти имаат другари и членови на семејството кои имаат проблеми со имунолошкиот систем, па ова може да биде можност да се воведе идејата дека носењето маски е важно за да се заштитат другите значајни луѓе во нивните животи. Носењето маски помага во превенција против ширењето на вирусот кон другите.

4. Моделирајте го однесувањето што сакате да го видите

- Децата често ги применуваат практиките што ги користат и нивните родители. Ако родителите активно носат маска и одржуваат физичка дистанца, и тие ќе имаат слични практики - вели Јановски. На адолесцентите им се потребни примери.

5. Не откажувајте се


Важно е да останете на својот став, особено ако детето оди на училиште. „Новото нормално ќе потрае, па важно е да се приспособиме и да им пренесеме на децата дека носењето маски ќе стане само уште еден дел од денот. Некои адолесценти ќе одбиваат да носат маски како форма на бунт. Обидете се да сфатите зошто го развиле тој начин на размислување во врска со носењето маски, вели Јановски. Тој додава дека треба постојано да се охрабруваат младите да носат маски.

Извор: Today.com
Фото: Freepik

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот