Со него разговараме за причините за ниското ниво на водата во Охридското Езеро, повлекувањето на водата на Преспанското Езеро, за природната врска меѓу двата екосистема, што треба да се стори за да се спречи состојбата со која се соочуваат.
Во текот на една година врнежите и осцилациите на водното ниво на Охридското Езеро ги достигнуваат своите максимални и минимални вредности во различни периоди. Максималните количества врнежи во сливното подрачје на езерото се јавуваат во периодот ноември-декември, и тоа најчесто во форма на снежни врнежи, кога нивото на водата во езерото е вообичаено на својот минимум. Овие снежни врнежи остануваат во текот на зимата на околните планински подрачја и почнуваат да се топат и да го полнат езерото во текот на март-април, со што водното ниво на езерото ги достигнува вообичаените максимални вредности во периодот мај-јуни, објаснува Данчо Узунов, консултант во „ПоинтПро консалтинг“ и добар познавач на хидролошката состојба на природниот бисер на Македонија. Со него разговараме за причините за ниското ниво на водата во Охридското Езеро, повлекувањето на водата на Преспанското Езеро, за природната врска меѓу двата екосистема, што треба да се стори за да се спречи состојбата со која се соочуваат.
Нивото на водата на Охридското Езеро деновиве е многу ниско. Кои се причините за оваа состојба?
- Верувам дека и на пошироката јавност ѝ е познат фактот дека истекот на водата од Охридското Езеро во коритото на реката Црни Дрим во Струга, а со самото тоа и нивото на водата во езерото, е контролиран со преградна (контролна) градба изведена уште во 1962 година. Помалку е познато дека во истата година е потпишан меѓудржавен Договор за управување со нивото на водата во Охридското Езеро помеѓу тогашната СФР Југославија и Република Албанија, со кој максималното ниво во езерото е ограничено на кота од 693,0 метри надморска височина (м.н.в.), а минималното ниво - на кота од 691,65 м.н.в. Но, врз основа на подоцнежни анализи и преговори помеѓу двете држави, од 1979 година минималното ниво на водата во Охридското Езеро е ограничено на кота од 693,1 м.н.в., додека максималното „работно“ ниво на 693,75 м.н.в., при што вообичаените флуктуации на нивото на водата во езерото изнесуваат 0,65 метри. Исто така, врз основа на меѓудржавни договори, при појавата на екстремни климатски услови и зголемен доток, усвоеното апсолутно максимално ниво на водата во езерото е дозволено да достигне 694,0 м.н.в. Сепак, според податоците за настанатите промени на нивото на водата во езерото од 1965 до 2016 година, договореното максимално ниво од 693,75 м.н.в. е надминато во околу 10% од вкупниот број денови во периодот. И „екстремно“ високото ниво од 694,0 м.н.в. е надминато во текот на 129 дена, што претставува околу 1% од вкупниот број денови во разгледуваниот педесетгодишен период. Договорениот минимум од 693,1 м.н.в. во споменатиот период не бил запазен во текот на вкупно 160 дена, особено за време на сушниот период од 1988 до 1991 година.
Данчо Узунов
Верувам дека за пошироката јавност е интересен фактот дека во текот на една година врнежите и осцилациите на водното ниво на Охридското Езеро ги достигнуваат своите максимални/минимални вредности во различни периоди. Максималните количества врнежи во сливното подрачје на езерото се јавуваат во периодот ноември-декември, и тоа најчесто во форма на снежни врнежи, кога нивото на водата во езерото е вообичаено на својот минимум. Овие снежни врнежи остануваат во текот на зимата на околните планински подрачја и почнуваат да се топат и да го полнат езерото во текот на март-април, со што водното ниво во езерото ги достигнува вообичаените максимални вредности во периодот мај-јуни.
Врнежи и промени на нивото на водата во Охридското Езеро (2014)
Врз основа на достапните податоци, сегашното ниско ниво на водата во Охридското Езеро е резултат на подолготраен (неколкумесечен) сушен период со екстремно мали количества врнежи токму во месеците кога се очекуваше тие да го достигнат својот максимум, или барем да имаат вредности поголеми од просечните годишни. Така, дури и при вообичаен режим на испуштање вода од езерото во текот на изминатите месеци од годината, сегашното ниво е блиску до договорениот минимум. Всушност, тоа во моментов е случај и со останатите природни езера и практично сите речни токови и вештачки акумулации во државата. Се очекува во текот на зимските и пролетните месеци состојбата значително да се подобри.
Секојдневно се појавуваат фотографии од камиони кои фрлаат сешто во езерото. Во каква состојба е квалитетот на водата во Охридското Езеро?
- За жал, сите сме сведоци на нашиот однос кон едно навистина величествено природно и културно богатство - подрачје под заштита на УНЕСКО од 1979 година и наш најголем туристички бисер! При секој таков допир со реалноста „виси“ прашањето дали ни недостига свест (сознание) за нашето негативно влијание врз вредностите на подрачјето, или пак е повеќе прашање на нашите „културни вредности“ како граѓани кои сметаат дека имаат право сосема безгрижно и безмилосно да го искористуваат таквото подрачје.
Во однос на квалитетот на водата, во завршна фаза е изработката на План за управување со сливот на Охридското Езеро, во чии рамки во 2019 година е направен детален мониторинг на состојбата со квалитетот на водата во езерото и речните текови во сливот. Изработката на Планот за управување е пилот-активност во рамките на проектот „Прекугранична соработка и интегрирано управување со водните ресурси во сливот на реката Дрим“, кој е финансиран од Глобалниот еколошки фонд и реализиран од Програмата за развој на Обединетите нации и Глобалното партнерство за води – Медитеран. Планот е изработен во согласност со барањата и стандардите на Рамковната директива за води на ЕУ (РДВ) и соодветната легислатива за управување со водни ресурси на Северна Македонија и Албанија. Според резултатите од наведените истражувања, генерално, водата во езерото сè уште е со добар квалитет. Регистрирани се само одредени крајбрежни делови од езерото во кои во текот на летните месеци, поради зголемени притисоци, се јавува зголемена веројатност за недостиг на кислород.
Но, од друга страна, повторно врз основа на истражувањата, квалитетот на водата во речните текови во сливното подрачје на езерото е значително поинаков и, согласно терминологијата на РДВ, варира од висок/добар во возводните „сегменти“ на реките до слаб/лош во деловите лоцирани непосредно до крајбрежјето. Неопходно е да се напомене дека изработените анализи при подготовката на Планот ги потврдуваат сознанијата за постоењето на енормно големи притисоци врз квалитетот на водните ресурси во сливното подрачје кои се резултат на антропогени влијанија. Клучни двигатели на овие притисоци се урбанизацијата и развојот на туризмот, несоодветните земјоделски практики, индустријата и рибарството. Од особено значење се зголемените концентрации на фосфор и азот во водните тела кои се резултат на испуштањето непречистени отпадни (фекални) води и површински истекувања од обработливите земјоделски површини, како и притисоците кои се јавуваат како резултат на вливот на вода од реката Сатеска во Охридското Езеро.
Охридското и Преспанското Езеро се два природно поврзани екосистеми. Научниците алармираат дека Преспанското Езеро се соочува со еколошка катастрофа. На што се должи драматичното намалување на водата во Преспанското Езеро?
- Хипотезата дека водата од Преспанското Езеро преку карстните масиви на Галичица и Сува Гора истекува во Охридското Езеро потекнува уште од 1906 година (Цвијиќ). Веродостојноста на оваа хипотеза е докажана со тестирања базирани на изотопи во 1997 (Ановски; Ефтими и Зото) и 2001 година (Ановски и други). Најголем дел од подземните водоносни слоеви се детектирани во варовниците на Галичица и Јабланица, преку кои водата низ многубројни изворишта дренира во Охридското Езеро. На тој начин повеќе од една третина (35%) од вливот во Охридското го сочинуваат водите на Преспанското Езеро, додека останатите две третини се од дотекувања преку речните текови во сливното подрачје и врнежи директно во езерото. Процените се дека околу 45% од водните количества што истекуваат од Преспа влегуваат во Охрид преку поголем број подводни извори, додека останатите 55% преку површински извори, од кои најпознати се изворите кај Свети Наум и Билјанините Извори во Македонија и Тушемиште во Албанија. Со тоа, всушност, Преспанското и Охридското Езеро претставуваат еден (поврзан) комплексен „воден систем“, кој со своите хидро-географски и еколошки карактеристики е уникатен феномен од глобално значење. Неопходно е да напомене и фактот дека не постои какво било истекување од Преспанското Езеро преку површински водотек, со што единствениот директен истек на вода од езерото е преку подземните текови во Охридското Езеро.
Подземната „врска“ помеѓу Преспанското и Охридското Езеро
Сведоци сме дека Преспанското Езеро во последните 30-40 години претрпува големи загуби во своите водни резерви. Континуирано драстично намалување на волуменот и нивото на водата во Преспа е регистрирано од 1986 до 1995 година, по што следуваат неколку фази на циклично покачување и повторно намалување на нивото во релативно помал обем. За времетраењето на целиот период од доцните 80-ти години на минатиот век до денес нивото на водата е далеку под својата долгогодишна просечна вредност. Според записи за промените на нивото на водата во езерото од 1951 година, вкупната разлика помеѓу максималното (во 1963 година) и минималното (во 2008 година) ниво изнесува повеќе од 9 метри.
Сепак, неопходно е да се напомене дека според одредени сознанија и гледано од една подолгорочна историска перспектива, водата во Преспанското Езеро била на уште пониско ниво од сегашното. Своевиден доказ за тоа се остатоците од наколна населба во околината на селото Наколец, кои се забележани на брегот на езерото со повлекувањето на водата. Слични „докази“ постојат и на крајбрежјето на територијата на Република Албанија, во близина на селото Долна Горица. Постојат повеќе научни трудови изработени во последните дваесетина години кои се обидуваат да ги разјаснат причините за ваквите драстични флуктуации на нивото на водата во езерото. Но, и понатаму на одреден начин останува дилемата дали сегашната состојба претставува еколошка катастрофа, како што честопати се споменува во јавноста, или сепак се работи за долгорочни циклични промени на нивото на езерото за кои сè уште немаме дефинитивен научно докажан одговор на што се должат.
Колку врз сево ова влијаел човечкиот фактор, а колку е резултат на климатските промени?
- Постојат две групи можни причини за ваквата состојба на Преспанското Езеро – намален доток на вода поради краткорочни или долгорочни промени во климатските услови во поширокото подрачје или, како алтернатива, поради зголемен „одлив“ на вода од езерото. Притоа, промена на дотекувањата на вода во езерото како ефект од климатските влијанија е можна како резултат на појавата на намалени врнежи и едновремено зголемено испарување од водната површина на езерото и вегетацијата во сливното подрачје. Од друга страна, одлевање на вода од езерото генерално е можно да настане или поради зголемено зафаќање вода од сливот за разни потреби или, евентуално, поради зголемено истекување од Преспанското во Охридското Езеро преку подземните текови како резултат на можни тектонски поместувања во подземјето кои евентуално настанале во периодот од последните истражувања на феноменот (2001) до денес. Се разбира, можна е и комбинација на влијанијата, која на крајот на денот сумарно резултира во негативен биланс на цикличниот доток и истек на вода од езерото.
Осцилации на нивото на водата во Преспанското Езеро, 1951-2019 година (УХМР)
Веќе напоменав дека во трите држави што го споделуваат Преспанското Езеро – Грција, Албанија и Северна Македонија – се изработени поголем број научни трудови кои ги анализираат причините за состојбата со езерото. Но, практично сите аналитичари се согласуваат со фактот дека има недостиг на долгорочни и конзистентни дата-бази со клучни хидро-метеоролошки податоци за површинските и подземните истекувања во сливот на езерото, со што во одредена мера сите изработени билансни модели не се целосно детални и доверливи. И покрај истражувањата врз чија основа е потврдена „врската“ помеѓу Преспанското и Охридското Езеро, во суштина феноменот не е докрај проучен. Зачудува и фактот дека во сите обиди фокусот на анализите е или само на Преспанското или само на Охридското Езеро. Сè уште не е изработен сеопфатен детален билансен модел за целокупниот Преспа-Охрид воден систем.
Сепак, генерално гледано, преовладувачка согласност на аналитичарите е дека намалувањето на нивото/волуменот на Преспанското Езеро е резултат на одредена комбинација на влијанија предизвикани од климатските промени и црпењето вода во сливот. Разлики во мислењата, иако значителни, се јавуваат единствено во големината на едниот или другиот вид влијание. Притоа, како клучни параметри во билансот се јавуваат варијабилноста на врнежите и испарувањата како последица на појавата на повеќегодишни сушни и влажни периоди во поширокиот регион на сливот на езерото, и кумулативниот долгорочен ефект на црпењата, особено за потребите за наводнување. Од друга страна, веројатноста за појавата на евентуално значително зголемено подземно истекување од Преспанското во Охридското Езеро се смета за минорна, макар што можноста не е докрај отфрлена.
Има ли начин да се спасат двете езера? Што мора итно да се направи?
- Секако дека има. Не смееме ниту да помислиме дека имаме таков „луксуз“ безгрижно да набљудуваме што се случува со преспанско-охридскиот воден систем без нешто да направиме за да ја промениме неговата тековна состојба, која е далеку од посакуваната. Поинаку кажано, bossiness-as-usual во овој случај не е алтернатива за размислување. Од друга страна, останува прашањето што е тоа што треба да се направи.
Исклучително позитивен момент во овој случај е што и за двете езера се изработени планови за управување согласно РДВ на ЕУ. Веќе го споменав Планот за Охрид; пред неколку години подготвен е и соодветен План за управување со сливот на Преспанското Езеро. Двата плана содржат долгорочни цели за заштита на водните ресурси и детални програми на мерки чија основна цел е обезбедување висок/добар статус во поглед на квалитетот на водите, како неопходен услов за долгорочно одржливо управување со биолошката разновидност и севкупните природни ресурси на регионот. Ова се клучни европски вредности, а со тоа и дел од целите кон кои како општество се стремиме. Прашање се единствено приоритетите.
Во врска со итноста, неопходно е што поскоро да се започне со реализација на активности за премостување на две клучни бариери – прво, недоволно ефикасната соработка помеѓу државите кои го споделуваат подрачјето на езерата во поглед на размена на податоци за управување и користење на водите; и второ, недостигот на соодветен сеопфатен систем за мониторинг на водите од квантитативен (хидролошки) и квалитативен (биолошки) аспект. Кон ова неминовно се наметнува и потребата двете езера да се гледаат како еден воден систем. Конечно, квалитетот и одржливоста на решенијата на еден комплексен и во голема мера уникатен проблем како овој неизбежно бараат детално познавање на факторите што го контролираат водниот режим, можната реакција на езерата на одредени сценарија на климатски промени и користење на водата и секако ефектите, било позитивни било негативни, поврзани со овие аспекти. А за да се реализира тоа, потребни се конзистентни и квалитетни податоци добиени со директни мерења, кои се клучниот фундамент за изработка на софистицирани нумерички модели за симулација на феномените и конечен избор на соодветни мерки за спас на системот.
Заштитата на водните ресурси претставува ефикасно и одржливо решение за одржување на биолошката разновидност и обезбедување на клучните екосистемски услуги. Придобивки од тоа имаат сите. Од друга страна, усвојувањето тривијални – „неинформирани“ или брзи – решенија може единствено да предизвика уште поголеми проблеми. Мораме да бидеме крајно внимателни.